1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Насилство и мала излезност на изборите во Косово

Првите локални избори по прогласената независност во поранешната српска провинција минаа со релативно ниска излезност меѓу граѓаните, и со насилства во мнозински српскиот дел од земјата.

Полицијата употреби солзавец за да ги прекине насилствата во северниот косовски град Митровица, каде противниците на учеството на локалните Срби на изборите кршеа гласачки кутии во обид да ги прекинат изборите. Во насилствата се повредени две лица, од кои една жена е со потешки повреди, откако маскирани напаѓачи влегле на гласачко место во Митровица.

Набљудувачите на ОБСЕ биле евакуирани од гласачките места во мнозински српските општини на северот на земјата, а голем број избирачки места биле затворени неколку часа пред предвиденото.

Локалните избори во Косово беа првите на кои Србите кои живеат во новата држава беа повикани да гласаат и од Приштина и од Белград.

Владата во Белград во повеќе наврати ги повикуваше граѓаните да излезат на гласање, наспроти повиците за бојкот од српските националисти кои сметаат дека со учеството на изборите се признава независноста на Косово.

На ниво на целата земја, излезноста на граѓаните беше околу 46 проценти, додека во српските општини на северот одзивот се движеше меѓу 7 и 13 проценти.

ДПК на Тачи со најмногу гласови

По првиот изборен круг, според неофицијалните резултати, во водство е владејачката ДПК на премиерот Хашим Тачи, која веќе освоила

Kosovo Kommunalwahl 2013

Одзивот на локалните избори во Косово бил околу 46 проценти

градоначалнички места во пет општини, и се наоѓа во водство во неколку други, во пресрет на вториот круг закажан за 1. декември. Тачи, како и лидерот на најголемата опозициска партија ДСК, Иса Мустафа, прогласија победи на изборите.

Останува нејасно што ќе се случува со изборите на северот на земјата. Од ОБСЕ соопштија дека од нивна страна не било побарано поништување на гласањето, но претставници на српските политички партии тврдат дека изборите ќе мора да бидат поништени. Слабиот одзив на српските гласачи може да биде дополнителен проблем за реализација на договорот за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, кој меѓудругото предвидуваше и интеграција на српските граѓани во косовските институции. Слабата излезност може да доведе до победа на некој од кандидатите Албанци, со што ќе се дискредитираат обидите за стабилизација на регионот, во кој досега владееја т.н. паралелни институции на Србите, на кои Белград им ја откажа поддршката.

Околу 1,7 милиони граѓани со право на глас имаа можност да гласаат за нова локална власт во 36 општини во Косово во вчера одржаниот прв круг од гласањето. Првичните официјалните резултати се очекува да бидат соопштени в среда, додека вториот круг е закажан за 1. декември.