1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Насилството изостана, атмосферата на Западниот брег како и во појасот на Газа

Израелските војници, кои денеска започнаа со расчистувањето на две еврејски населби на Западниот брег, наидоа на отпор, но изостанаа потешки инциденти, од кои се стравуваше. И овде се’ се одвива како и во појасот на Газа, каде вчера беше расчистена и последната од вкупно 21-на населба.

Предвидувањата во израелските медиуми беа мрачни: сите набљудувачи беа уверени - на Западниот брег на Јордан ќе има насилство. Илјадници противници на повлекувањето, подготвени на насилство, се забарикадирале во двете населби предвидени за евакуација. Тие имале оружје и морало да се смета дека ќе ги нападнат безбедносните сили, дека ќе било полошо од она што се одигруваше изминатата недела во населбите во појасот на Газа. Таму млади насилници од покривот на една синагога ги полеваа војниците со боја и со нагризувачки хемикалии.

Но, досега денеска не се исполнија таквите мрачни предвидувања. Наместо тоа, истите слики и исти тонови како и при расчистувањето на 21 населба во појасот на Газа наспрема во голема мера пасивниот отпор: протести на населениците качени на покрив на синагога или забарикадирани во религиозното училиште. Мажи што се молат, жени што врескаат и деца што плачат.

Така се презентираа двете мали населби Хомеш и Са-Нур во северниот дел на Западен Јордан. Во Хомеш на патот на безбедносните сили им се препречи населеничката Лимор Хар-Мелех, чиј маж настрада во напад од Палестинците: „Се’ што не им успеа на нашите противници, вие сега го правите по налог на израелската влада. Зошто не вика вашата душа? И јас сакам мир, но не гледате ли дека така не се создава мир? Вие колаборирате со непријателот, не слабеете нас. Ве молам, звартетесе и одете си!“

Но, војниците и полицајците не дозволија да бидат запрени. Мирно и решително прејдоа на дело. Со моторни пили ги пресекоа портите и ги изнесоа населениците што се опираа.

Во Хомеш безбедносните сили беа пречекани со камења, кесички со боја и со јајца, што ги фрлаа млади демонстранти од покривот на полициската станица. Но, изостана предвидуваното големо насилство, меѓу другото и поради напорите на многубројни рабини и водачи на доселениците за смирување на ситуацијата.

„Дојдов за да бидам кај луѓето.Не морав за ништо да ги убедувам. Видов дека се милозливи, дека ги креваат рацете. Тие кукаат и плачат, како и јас, и јас ги оплакувам. Тоа боли, а кога боли смее да се офка. Јас овде поминав насекаде и нема да има насилство. Видов само бол и сила, но никаде не видов насилство“ – вели рабинот Шмуел Елиаху, кој повлијае кај претежно младите луѓе дојдени во населбите минатите недели како засилување.

Во другите две населби опфатени со планот за напуштање, Ганим и Кадим, изолирани места напуштени од жителите уште пред повеќе недели, во меѓувреме започна уривањето на куќите.