1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Народни кујни на секој чекор- вистински излез од кризата?

Во Македонија во услови кога една третина од населението, се наоѓа во зоната на сиромаштијата, четврта година по ред Министерството за труд и социјална политика го реализира проектот „Народни кујни“.

Во 2007 година се започна со 31 народни кујни и околу илјада нивни корисници. Давор Политов, портпарол на ова министерство, вели: „Имаме 41 народни кујни во градските и селските средини. Нивните услуги ги користат 3900 лица.“

Маја Геровска – Митев, експертка за социјална заштита од Државниот универзитет во Скопје, коментира: „Навистина, во услови на голема стапка на сиромаштија, отворањето на народната кујна претставува голема поддршка на ранливото население во Македонија. Но, дали треба да дозволиме луѓето да бидат сведени на таква ситуација, или животен стандард, што ги принудува да бидат корисници на народната кујна? Недостасува паричната поддршка, или поддршката за вработување, кои се можеби недоволно или несоодветно насочени кон најранливите категории.“

Храна во народна кујна, или поддршка за вработување?

Во народната кујна во Тетово секој ден околу пладнето се дели храната за сиромашните и гладни луѓе. Беџет Камбери, одговорниот за оваа кујна, посочува: „Во неа се хранат 100 лица. Постои тенденција и натаму да се зголемува оваа бројка.“

Bedzet Kamberi, Leiter der Volksküche in Tetovo

Беџет Камбери, одговорниот за народната кујна во Тетово

Готвачката Беглие, која ја подготвува и им ја дели храната на корисниците, се надоврзува: „Срамно е и жално е што гледам: им давам храна на луѓево, но, се сметам дека се гладни. Оти, овде се дава еднаш на ден да се јаде. Стотина се запишани, меѓутоа, колкумина има што не се запишани, на кои им треба храна !? Тоа е срамота за оваа држава: да паднат до ова дереџе луѓето што работеле во сега затворените фабрики !“

Еве што вели повозрасна поранешна работничка во една фабрика, чиј маж го загубил и своето работно место во овдешниот Шумско-индустриски комбинат „Јелак“, останувајќи како и неа без никаква егзистенција: „Јас и маж ми сме без работа. Тој е инвалид. Се зголемува бројката на невработени и државата треба да обрне внимание кој во каква ситуација запаѓа. Имам 28 години работен стаж и како може да останам на улица? Уште да не е оваа народна кујна, готово - ќе страдаме за парче леб.“

Една друга тетовка, која по повеќе години работа во приватниот сектор сега нема средства за опстанок и се храни во оваа кујна, дополнува: „Во последно време има многу семејства, на кои им е потребна социјална помош. Не само преку народните кујни, туку и со други видови материјална помош. Во кујнава не е важно дали сме Албанци, Македонци, или Турци, нема етнички разлики, туку само луѓе кои имаат, или кои немаат.“

Отворањето народни цени во сите општини – „меч со две острици“

За функционирањето на сите 41 народни кујни годинава се наменети 1 милион и 530 илјади евра. Толку се предвидува и за 2013 година. Политов напоменува: „Се планира во иднина отворање нови народни кујни во општините: Карбинци, Центар Жупа, Чешиново, Облешево, Ранковце ... Целта е тие кујни да се доближат до лицата во селата.“

Геровска – Митев забележува критички: „Отворањето на народните кујни е добро. Но, тоа е ’меч со две острици’: да се инсистира по секоја цена да се отвори народна кујна и во општини, кои немаат потреба за тоа, е губење на ресурсите. Тоа претставува и демотивација на лицата кои можеби би можеле да се вработат сезонски или на некој друг начин, односно, тие лица да се пасивизираат и да се одлучат така да го обезбедат физичкото преживување, а поинаку да се снаоѓаат за некој друг вид потреби. Постојат инсистирања и притисок од централната власт врз градоначалниците дека во секоја општина треба да има таква народна кујна. Народните кујни треба да претставуваат последен извор, последен излез од ситуацијата.“

Volksküche für die Armen in Mostar

Според некои неофицијални и непотврдени информации во одделни народни кујни во земјата, наводно, финансиската криза веќе започнала да влијае врз обемот и квалитетот на храната. Една од прашаните кориснички на услугите во тетовската народна кујна ни изјави: „Да, помалку е храната, би требало да ја има малку повеќе, ама благодарам и на толку.“

Политов тврди: „Храната е во согласност со правилникот и стандардите на републичкиот Завод за унапредување на домаќинството. Досега не сме имале реакции во врска со оброците. Не е предвидено никакво кратење на количеството храна во народните кујни.“

Постоењето народни кујни и зголемувањето на нивниот број е само еден од повеќето показатели дека расте бројот на оние, кои не знаат повеќе како самите да го преживеат денот, без нечија помош. Влошувањето на социјалната состојба на населението е толкаво што би требало можеби, сликовито да се изразиме, да се изгради една голема народна кујна, во која би влегла и половина Македонија, како што тргнале работите. Само, прашањето е: кој би го платил тоа и, уште повеќе, дали тоа би бил најдобриот начин за ублажување, или совладување на острата социјална криза во земјата?