1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Народните кујни- егзистенција за најсиромашните

Преку 4000 лица во Македонија секојдневно по топол оброк влегуваат во народните и црковните кујни. Овие кујни на министерството за социјална политика и на МПЦ се од егзистенцијално значење за многу семејства.

default

Ни лебот не стига...

Во Македонија во изминатите пет -шест години Министерството за труд и социјална политика отвори 36 народни кујни во кои секојдневно се хранат над 3500 лица. Македонската Православна Црква-Охридска архиепископија има отворено четири црковни народни кујни, две во Скопје и по една во Велес и Битола. Во нив топол оброк секојдневно добиваат над 600 најсиромашни граѓани. Но колку е тоа доволно да се нахранат сите гладни во земјата, со оглед дека бројот на сиромашни е во постојан пораст? Статистиката покажува дека дури една третина од населението во Македонија е сиромашно.

Народните кујни егзистенција за многу семејства

Во државата има се поголем број народни кујни. Тие се неопходност во ова предолго транзициско време кога голем дел на поранешите вредни работници останаа без работа, а и животна потреба и за многуте болни и неспособни за работа. Велес е еден од македонските градови во кои веќе пет ипол години народната кујна на Министерството за труд и социјала е секојдневие, егзистенција за сто најсиромашни граѓани. 47-годишниот Венцо е еден од нив, инвалид со левата нога и неспособен за работа, вели дека Народната кујна е негова единствена егзистенција за да преживее. „Затоа земам храна и на тоа мислам да останам до крај. Задоволен сум од храната, ама четврт леб е малку , да даваат барем половина векна леб ќе биде подобро. Народната кујна треба да постои за инвалиди, за социјалци на кои им е неопходна‘‘.

Suppenküche der Magdeburger Tafel

Храната за овие социјално загрозени лица се подготвува во кујната на Комбинираната детска установа „Димче Мирчев‘‘ во Велес, а за што средствата се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика преку центрите за социјална работа. Подготвената храна во посебни садови со капак, од понеделник до петок од 12 до 13 часот им се дели на овие граѓани на посебни влезови во шесте градинки во Велес. На менито е гравче, леќа, компир манџа, зелка, макарони, кисело млеко по некоја конзерва и четврт лебче.

Во Македонија има 36 народни кујни со над 3500 корисници,за што државата годишно издвојува 91 милион денари. Министерството за труд и социјална политика, како што најави за Дојче веле министерот Спиро Ристовски во 2012 година планира да отвори народни кујни во три рурални средини во помалите општини во земјава.

Најсиромашните егзистенција наоѓаат и во кујните на МПЦ-ОА

Црковно народната кујна „Ѓаконија‘‘ при Епархијата Повардарска во Велес работи скоро четири години. Првично беше замислена за 40-60 најсиромашни граѓани, но во неа од понеделник до петок своја егзистенција наоѓаат од 120 -150 најсиромашни граѓани. И не само храна, во оваа црковна кујна седнати на стол покрај маса со бели чаршави во убаво уредена трпезарија,во новоизграден објект, сите наши корисници без разлика на националната и верска припадност, секојдневно наоѓаат и топол дом,потенцира за Дојче веле, свештеникот Ангел Станчев координатор на оваа црковно народна кујна. „Главна цел е да обезбедиме по еден топол оброк за оние што се на дното на социјалата,од дисфункционални семејства,луѓе на коишто тешко им е да го поминат денот и не можат да обезбедат храна за себеси. Но исто така тука имаме и повеќе активности, имаме средби со лицата со посебни потреби и со деца заболени од церебрална парализа,со повеќе невладини организации со Фокус фондацијата за локален развој. Имаме секој месец средба со овие лица со посебни потреби и на поголемите празници се собираме тука заедно да прославиме и да му се помолиме на бога. Исто така помагаме и со собирање на алишта,лекови,технички помагала и хигиенски пакети.‘‘.

Platz in Veles, Mazedonien

Народна кујна има и во Велес

Инаку МПЦ– Охридска архиепископија првата црковно - народна кујна ја отвори уште во 1998 година во црквата „Света Петка‘‘ во Скопје,а потоа и во црквата „Свети Петар и Павле‘‘ исто во Скопје.Потоа и во Велес и Битола..Во сите нив секојдневно топол оброк добиваат над 600 најсиромашни граѓани во Македонија.

Во борбата против сиромаштијата и гладта со години наназад се вклучува и Црвениот крст на Македонија. Дели пакети со храна,преку спонзори собира парични средства кои потоа им ги доделува на најсиромнашните. Што е посебно значајно, со разни акции прави напори за потикнување на хуманоста кај останатите граѓани.

Стратегијата на државата против сиромаштијата е долготраен процес

Државата потенцира министерот за труд и социјала Спиро Ристoвски има донесено стратегија за борба против сиромаштијата. „Таму има сплет на еден куп активости коишто ќе ги реализира Министерството за труд и социјала заедно со сите други ресорни министерства. И мислам дека ефектите од таа борба ќе се видат,но не толку брзо,како со некој друг проблем. Затоа што сиромаштијата и економската проблематична ситуација на граѓаните не е резултат на нешто што настапило за период од шест месеци па не ни можеме да очекуваме дека ќе го решиме за шест месеци. Тоа е долгорочен процес на чиешто решавање ќе треба многу да се работи,истакна министерот Ристовски.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Симе Недевски