1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Напнат мир зад барикадите

Советот за безбедност на ОН денеска ќе го разгледува најновиот извештај за состојбата на Косово. По вчерашните судири меѓу војниците на КФОР и локалните Срби, состојбата во текот на ноќта билa мирна, но напната.

default

Германски војници од составот на КФОР расчистуваат улична блокада во Косово

Двајца војници на КФОР се ранети од огнено оружје, а уште најмалку 23 се повредени во вчерашните жестоки судири со локалните Срби на северот на Косово, кои се спротивставуваат на отстранувањето на поставените барикади. Во судирите биле повредени и најмалку 100 локални Срби.

Голем број граѓани ноќта ја минале на барикадите кои се поставени на новата критична точка кај местото Јагњеница во близина на Зубин Поток. Вчера утро, војниците на КФОР оттаму ја отстранија барикадата со која Србите четири месеци го блокираа делот од патот кој води кон соседното албанско село Чабра. Во судирите кои уследија, војниците на КФОР користеле солзавец, пипер-спреј, гумени куршуми и водени топови, додека Србите возвраќале со молотови коктели и камења.

Kosovo Deutschland deutsche KFOR-Soldaten räumen Straßensperre

Битка околу уличните барикади на локалното српско насление

Од КФОР најавуваат дека доколку продолжат нападите врз нивните војници, тие во иднина ќе возвраќаат со сите расположиви средства.

Се оддржаа повеќе рунди мини-преговори меѓу претставници на меѓународните сили и на локалното население, но до договор не дојде. И едните и другите бараат втората страна да се повлече и да го ослободи патот. Дописниците од теренот јавуваат дека состојбата била многу тензична во текот на ноќта и дека судирите можат да продолжат и во текот на денешниот ден.

Бан предупредува

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун кој денеска е домаќин на состанокот посветен на Косово во Советот за безбедност, во својот последен извештај предупредува дека токму спорот околу граничните премини Јариње и Брњак на северот на Косово придонел за значително влошување на безбедносната состојба.

„Развојот на настаните на северот на Косово претставува јасно предупредување дека нерешените прашања претставуваат закана за мирот и стабилноста во регионот“, наведува Бан во извештајот.

UNO General Sekretär Ban Ki-moon

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун

Официјална Приштина синоќа ги осуди нападите врз силите на КФОР и побара сите насилници да бидат изведени пред суд. Од Белград, српскиот претседател Борис Тадиќ повика на итен прекин на насилствата. „Животите на нашите граѓани и на припадниците на меѓународните трупи мора да бидат зачувани“, изјави Тадиќ.

Чувствителен миг

Насилствата доаѓаат во многу чувствителен момент за Србија, чии претставници минатата недела ги продолжија разговорите со официјална Приштина за спорните прашања. Белград е под притисок од ЕУ да стори повеќе и да покаже флексибилност во разговорите за Косово, во пресрет на самитот на Унијата на 9 декември на кој Србија очекува да добие кандидатски статус.

Автор: Борис Георгиевски/бета/афп

Редактор: Горан Чутаноски

DW.COM