1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Напладне ќе биде потпишан извештајот за 24 декември

Во интерес на државата и нејзината иднина, премиерот Никола Груевски прифати да биде потпишан извештај за 24 декември, каков што сака СДСМ.

Осум месеци по т.н. „црн понеделник“, Македонија доби бел понеделник. Напладне во Клубот на пратениците во Скопје, членовите на Комисијата треба да го потпишат извештајот за настаните во Собранието од 24 декември 2012 година, соопшти претседателот Борче Давитковски. На тој чин нема да присуствуваат лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ниту нивните соработници, кои во последниве денови учествуваа во комисиската работа.

Она што до вчера изгледаше неверојатно-стана реалност. Ваквиот епилог уследи по многу контроверзи, неусогласени ставови и меѓупартиски обвинувања за спорни правни формулации, кои завчера завршија со предлог од премиерот до опозицијата – или изгласајте извештај по ваша мерка или ќе одиме на предвремени избори! Откако СДСМ вчера децидно ги одби двете варијанти на предлогот, се случи голем и неочекуван пресврт. Премиерот Груевски, се обрати до јавноста со нов предлог.

„ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука, во интерес на државата и по цена на сопствена штета, да гласа и да потпише извештај на ад- хок Комисијата, каков што сака СДСМ. Ако ним не им е важен интересот на Македонија, нам ни е важен. Се разбира дека за нас и за најголемиот дел од граѓаните во Македонија, тие правни квалификации нема да бидат валидни, ниту ние се согласуваме со нив, но во интерес на државата, ќе подметнеме грб, се ќе изгласаме и се ќе им потпишеме“, рече Груевски.

Да се почитува потпишаното

Овој предлог доби дијаметрално спротивни оценки – од „целосна капитулација на премиерот“ до негов „блескав државнички потег“. Според поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, премиерот добро направил што се повлекол од претходниот предлог.

„Претходниот предлог или беше блеф или избрзано даден во нервоза. Но, она што длабоко ме изненадува од еден премиер, е фактот дека тој е подготвен да потпише нешто и истовремено да тврди дека тоа што го потпишал не го признава како валидно. Каков е тој премиер што едно работи, а друго потпишува? Тој мора да го почитува она што ќе го потпише и да ги промислува нештата за кои зборува. По вакви ставови, кој ќе му верува утре во земјава и надвор дека ја зборува вистината - прашува либералот Андов.

Неверојатен потег

Аналитичарите се согласуваат дека деблокадата на работата на Комисијата и завршувањето на обврската за усвојување на извештајот е добар чекор за интеграциските перспективи на Македонија. Но, до вчера никој не се надеваше на таков епилог. Напротив, партиите се обвинуваа околу одговорноста за губењето на европските преспективи, главна и жешка тема станаа можни избори, а новоформираните партии побрзаа една по друга да ја реферираат нивната подготвеност за учество на предвремени избори. Но, зад тој „естраден“ дел од процесот, според дипломатски извори, биле вложени силни напори работата во Комисијата да заврши со успех и Македонија да ја исполни обврската од Договорот од 1 март.

Ова што се случи, е нешто најнеочекувано и неверојатно, вели Александар Даштевски, директор на Универзитетот „Евро-Балкан“.

Borce Davitkovski

Борче Давитковски, претседател во оставка на Комисијата за расветлување на настаните од 24 декември 2012

„Опозицијата бараше разврска на настаните во Собранието. Опозицијата инсистираше председателот да биде предложен од нејзина страна и тоа беше прифатено од власта. И опозицијата одлучи да не го потпишува извештајот, од причини што не беа доволно уверливи. Тоа што го предложи власта, беше всушност, се‘ што може да се направи. Да се потпише извештајот со 3 спрема 2 гласови, или да се оди на предвремени избори. Опозицијата не ги прифати двата предлози. Тоа што требаше да го направи опозицијата, повторно го направи власта, со сериозна политичка одлука, за која ќе добие сериозни политички поени и зајакнат рејтинг. Но, според актуелните настани никако не е јасно што сакаше да постигне опозицијата. Ваквото однесување покажува дека таму се води паушална политика, која не се заснова на сериозни и добро подготвени ставови, туку на застарен начин на водење на политика врз основа на ставовите на потесното партиско раководство“, вели Даштевски.

Ќе се бара ли одговорност?

Аналитичарот Даут Даути се согласува дека вчерашниот настап на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е голема пресвртница, неочекуван и збунувачки политички потег, несвојствен за лидер на мнозинството, особено не на ова мнозинство.

„Со потпишувањето на заклучоците ВМРО-ДПМНЕ доби шанси да поентира, со оглед на образложението на Груевски дека тоа го прави за да нема застој во евроинтеграциите и дека интересите на државата ги става во преден план. Тоа значи дека кризата нема да се продлабочи, дека нема да има предвремени избори за кои опозицијата очигледно не е подготвена, ниту некоја варијанта на техничка влада, што ја очекував откако ДУИ се изјасни против избори. По сето ова, добива Македонија. На коментарите од двете македонски партии не им придавам многу значење, бидејќи тие се наменети за дневно-политички потреби. Единствена енигма е дали Груевски ќе преземе одговорност кон некој виновник, бидејќи вети дека иако не се согласува со заклучоците, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласа и ќе ги спроведе“, потенцира Даути.

Денеска таа тема ќе падне во сенка на потпишувањето на Извештајот, но сосема е извесно дека во наредните денови ќе добие гласност и интензитет.

Членовите на Комисијата своите ставови и импресии ќе ги соопштат по потпишувањето на извештајот. Еден од нив во шега констатира: „Како што на Артим Шаќири му успеа да даде гол од корнер, така и на Борче Давитковски му успеа да истурка извештај од оставка“.