1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Напад врз германската амбасада во Судан

Антизападните протести во исламските земји се прошируваат. Во Судан демонстрантите упаднале во германската амбасада и ја запалиле. Вработените од амбасадата се на безбедно.

Во суданскиот главен град Картум насобраните демонстранти упаднале во германската амбасада и ја запалиле. Масата ја симнала и искршила таблата со натписот на амбасадата и поставила исламско знаме, тврдат сведоци. Демонстрантите фрлале со парчиња стакло и запалиле оган во главниот ходник на зградата. Претходно, околу пет илјади луѓе протестирале пред германската и пред британската амбасада поради анти-исламскиот филм за пророкот Мухамед и се обидувале да упаднат во зградите. Масата фрлала со камења, а суданската полиција употребила солзавец за да ја растера.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во Берлин изјави дека вработените од амбасадата во Картум се на безбедно.

Денеска утрото (14.09) германското министерство соопшти дека ги засилило безбедносните мерки во германските амбасади во исламските земји поради протестите, но не наведе детали.

Министерот Вестервеле го повика муслиманскиот свет на умереност.

„Апелирам на целиот арапски свет своето незадоволство од ова неизречиво видео да го изрази на мирен начин, со мирни протести“.

Вестервеле филмот за пророкот Мухамед го нарече одвратен и недостоен. Тој од владите на земјите на Блискиот Исток побара да ги заштитат дипломатските претставништва на западните држави.

Во САД произведеното аматерско видео го претставува пророкот Мухамед како хомосексуалец и женкар. Во насилните протести на муслиманите по повод ова видео минатите денови беше убиен американскиот амбасадор во Либија. До напади врз амбасадите на САД дојде и во Јемен и Египет.