1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Напади со загинати и ранети во Северен Кавказ

Во напад за време на погребна церемонија на убиен полицаец во Ингушетија загинале најмалку шест припадници на полицијата. Во соседен Дагестан, пак, осум лица се ранети во напад во џамија.

Во нападот извршен во местото Сагопши во Малгонешката област, во немирната кавкаска руска република Ингушетија, загинале најмалку шест лица, а ранети се 11. Според првичните информации, утринскиот напад го извршил бомбаш-самоубиец, чија глава била пронајдена. Засега никој не ја преземал одговорност за нападот, но сомневањата паѓаат на исламистичките екстремисти кои дејствуваат во Ингушетија и околните кавкаски руски републики - Чеченија и Дагестан.

Меѓу повредените во нападот извршен за време на погреб на полицаец, кој загинал во експлозија во текот на вчерашниот ден, има голем број цивили. Сите загинати, пак, се припадници на републичката полиција, соопштија властите во Ингушетија.

Во соседната република Дагестан, исто така во источниот дел од Северен Кавкас, каде што повеќето муслиманско население се сунити, а локалните исламистички бунтовници се вахабити, во градот Хасавјурт беше нападната шиитска џамија. Откако маскираните напаѓачи отвориле оган врз верниците и избегале, во џамијата биле пронајдени два сомнителни пакета со експлозивни направи. Едната бомба експлодирала и притоа ранила неколку лица, покрај осумте кои биле ранети во пукањето. Бројот на повредените во експлозијата не е соопштен. Другата бомба била неутрализирана.

Во Северен Кавказ со години наназад радикално-исламистичките бунтовници се борат за незавосност од Москва и за основање на исламски држави.