1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Напади врз луксузни хотели во Џакарта

Во главниот град на Индонезија, Џакарта, во бомбашки напади врз два хотела се убиени најмалку девет лица. Експлозиите се случиле една по друга. Повредени се околу четириесет лица.

default

Повторно цел на напади

Во главниот град на Индонезија, Џакарта, утрината експлодираше бомба пред хотелот „Мериот“. Неколку минути подоцна се случи втора експлозија во внатрешноста на хотелот „Риц Карлтон“. Од силината не експлозијата разнесена е целата фасада на хотелот. Повеќето жртви се од овој хотел, бидејќи бомбата експлодирала на вториот кат пред ресторанот. Двата луксузни хотели ги посетуваат странски бизнисмени. Еден од гостите на хотелот „Риц Карлтон“ на телевизија раскажуваше за тоа што преживеал:

„Се’ уште сум збунет. Туку што се разбудив кога експлодираше првата бомба во хотелот ’Мериот’. Многу луѓе викаа, трчаа наоколу. Неколку минути подоцна експлодираше и бомбата во нашиот хотел. Целата зграда се тресеше и беше полна со чад. Колку што можев побрзо, истрчав надвор, каде владееше хаос, луѓе во крв.“

Загинал и атентаторот

Нападите ги извршил најмалку еден атентатор самоубиец, рече портпарол на индонезиската парламентарна комисија за внатрешна безбедност во Џакарта. Според него, еден од деветмината загинати е атентаторот. Голем број луѓе се повредени, некои од нив тешко. Меѓу загинатите и повредените има и повеќе странци, но се’ уште не е позната нивната националност.

Bombenanschläge in Jakarta, Indonesien

Засега не е познато како експлозивите биле внесени во хотелите. Луксузните хотели во Џакарта имаат воведено строги безбедносни мерки, рече Паул Бич, од индонезискиот хотелиерски сојуз:

„ Безбедносните мерки, пред се’ во хотелот ’Мериот’, се сметаат за највисоки во целата земја. По нападите во овој хотел во 2003 година беа инсталирани детектори за метал, ѕидови за заштита од екслозија и многу други мерки. Автомобилите воопшто не смеат да возат до влезот. Овој хотел се смета за најсигурен во цела Џакарта.“

Кој се крие зад нападите

Одговорноста за нападот засега никој не ја презеде. Експертите за борба против тероризмот сметаат дека зад нападите се крие терористичката организација „Џама Исламија“, која уште во 2003 година го изведе нападот врз хотелот „Мериот“. По експлозиите во хотелите во Џакарта, Австралија ги заостри предупредувањата за патување во Индонезија. Министерството за надворешни работи им советува на своите државјани, доколку е можно да ги одложат патувањата во Иднонезија.

Претседателот на Индонезија Сусило Бангбанг Јудхојоно ги осуди нападите врз двата луксузни хотела во Џакарта, нарекувајќи ги „страшни и нечовечни “. Премиерот на Австралија Кевин Руд пак истакна дека ова е варварски чин против човештвото. Американската министерка за надворешни работи, Хилари Клинтон истакна дека нападите претставуваат „ бесмислен чин на насилство.“


Автор: АТ/ЖА/дв/дпа/ап/ројтерс

Редактор: Жана Ацеска