1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нападите во Џакарта - дело на Џема исламија

Индонезиската полиција е убедена дека нападите врз два луксузни хотела во центарот на главниот град Џакарта се дело на терористичката група Џема исламија. Главен осомничен како организатор е Малезиецот Нурдин Топ.

default

„200 проценти сум сигурен дека ова беше негово дело“, изјави Насир Абас, поранешен водач на Џема исламија, кој во меѓувреме соработува со полицијата. Неговиот ракопис и кај сегашните атентати го препознаваат и други експерти по прашањето на тероризмот. Ансјад Мбаи, шеф на антитерористичкиот штаб во министерството за безбедност како „јасни индиции“ за вмешаноста на Топ ги наведува ангажирањето атентатори-самоубијци, како и типот на употребените бомби. Карактеристично и кај овие напади е дека цел се западни државјани и што е можно повеќе цивилни жртви. Според првите сознанија, бомбите биле направени од ист материјал, каков што бил запленет пред неколку дена при претресот на некоја исламска школа на островот Јава, која ја сметаат за прибежиште на терористи, во потрагата по Нурдин Топ. Еден од атентаторите, според полицијата, веќе е идентификуван.

Noordin Top Bali Attentäter ruft in Video zu Anschlägen auf

Нурдин Топ, атентаторот од Бали, повик за напади

Трагите водат кон Нурдин Топ

На камерите во холот на хотелот „Мериот“ е снимен човек кој доаѓа од ресторантот неколку секунди пред експлозијата.

„Двајца луѓе од обезбедувањето го видоа човекот, кој изгледаше сомнително и носеше голем ранец на стомакот и куфер во раката. Тие го запреа и го прашуваа каде оди и со кого треба да се сретне. Тој не даде уверливи одговори, туку одненадеж отиде пет метри понатаму и одекна експлозијата“, опишува Ален Орлоб, потпретседател на „Мериот“-групата, надлежен за безбедност.

Во една од собите на хотелот, која очигледно ја користеле атентаторите за подготовка, иследниците пронашле прибелешки, мобилен телефон и во лаптоп поставена неексплодирана експлозивна направа. Собата била резервирана на име „Нурдин Азиз“ и наместо кредитна картичка, биле положени илјада долари како гаранција.

Bombenanschläge auf Hotels in Jakarta

Експлозија во двата хотела

Полицијата со години го бара Нурдин Топ, но досега тој секогаш успеваше во последен момент да им избега на иследниците. Експерти сметаат дека тој е еден од најодговорните и за нападите на островот Бали во 2002, на хотелот „Мериот“ во 2003, како и врз амбасадата на Австралија една година подоцна. Во тие напади загинаа вкупно 224 лица. На неговата отпадничка група од Џема исламија, која застапува идеологија на насилство, и’ се припишуваат врски со Ал Каеда. Инаку, индонезиската влада со комбинирани мерки на масовни апсења, но и понуди, успеа во голема мера да ја одврати Џема исламија од радикалниот пат, но таа тактика немаше успех кај Нурдин Топ.

Jakarta / Anschläge

Американскиот претседател Барак Обама во телефонски разговор со претседателот на Индонезија Сусило Бамбанг Јудхојоно му понудил помош во истрагата. И покрај апелот од индонезиската влада, англискиот фудбалски првак Манчестер јунајтед, кој е на турнеја низ Азија, го откажа гостувањето предвидено за в понеделник. Екипата требало да биде сместена во хотелот Риц-Карлтон, кој исто така беше цел на нападот од петокот.

Автор: ЗЈ/ЖА/ дв/афп/дпа/ројтерс

Редактор: Жана Ацеска