1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Наместо подолго на власт, во прогонство!

Воен удар во Хондурас, војската го собори од власт претседателот Мануел Зелаја и го испрати во егзил во Костарика. Тој е обвинет за кршење на уставот и предизвикување политичка криза.

default

Војската изврши пуч во Хондурас

Поради воениот удар во Хондурас, за утре е закажан вонреден самит на Организацијата на американските држави. И оваа организација и САД не ја признаваат насилната промена на власта во оваа латино-американска земја и бараат враќање на стариот претседател, Мануел Зелаја, кого армијата го протера во Костарика. И министрите за надворешни работи на ЕУ во заедничка изјава побараа враќање во „нормална состојба што ја пропишува уставот на земјата“.

Незадоволство поради референдумот

На крајот на вчерашниот ден политичката состојба во Хондурас беше комплетно сменета. Државата доби сменет и во егзил протеран стар претседател, од една страна, и сосема нов претседател од друга. Војската го затекна Мануел Зелаја на спиење и во пижами го протера од земјата. Причина е намерата на Зелаја вчера да го праша народот на Хондурас дали ќе се сложи со свикување референдум за промена на уставот, со што би можел подолго да остане на власт. Парламентот, Изборната комисија и Врховниот суд на Хондурас попусто се обидуваа да го одвратат лево ориентираниот претседател Зелаја од ваквите намери, кои според пресудата на Врховниот суд биле нелегални.

Парламентот со обид да го легализира воениот удар

Manuel Zelaya / Honduras

Мануел Зелаја

По насилното протерување на Зелаја во Костарика, парламентот на Хондурас се обиде да му даде легитимитет на воениот удар. Пратениците го изгласаа развластувањето на претседателот и на владата, а претседателот на парламентот, Роберто Мишелети, го прогласи за нов, привремен претседател на државата.

„Не дојдов на оваа функција преку пуч. Тоа е резултат на апсолутно легален премин, како што тоа го пропишуваат нашите закони. Тој процес го зацврстува владеењето на нашиот устав, на правната држава и опстанокот на републиката“ - порача Роберто Мишелети.

Тој и’ припаѓа на либералната партија, исто како и протераниот претседател. Тој најави дека ќе остане на власт само до ноември, за кога се од порано закажани избори за нов претседател на државата. За тоа кој и’ дал наредба на армијата да го киднапира и протера легално избраниот претседател Зелаја, Мичелети не кажа ниту еден збор.

Остра критика на пучот

Пучот во Хондурас наиде на остра критика од повеќемина претседатели во Латинска Америка. Домаќинот на протераниот Зелаја, претседателот на Костарика, Оскар Ариас, порача дека станува збор за закана за демократските уредувања во целиот регион. А блискиот сојузник на Зелаја, претседателот на Венецуела Хуго Чавез изјави:

„Ова е државен удар против сите нас, против народите на Хондурас и на Венецуела, против целиот нов свет што демократски и мирно се создава во Латинска Америка. Ова е генерална проба за сите нас“ - нагласи претседателот на Венецуела, Хуго Чавез, кој во 2002 за малку избегна воен удар.


Автор: Ан Катрин Мелман/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска