1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Наместо повисок ДДВ, да се намалат владините трошоци

Експертите се изненадени од барањата на бизнисмените за зголемување на ДДВ-то. Владата не прифаќа, но и не признава дека долговите се реалност. Експертите сугерираат одговорна владина политика кон стопанството.

default

Бизнисмените во Македонија бараат зголемување на Данокот на додадена вредност како една од мерките за справување со проблемот со неликвидноста. Стопанската комора на Северозападна Македонија јавно ја прозва Владата да ја зголеми стапката за да има повеќе пари во фондовите, а со тоа и за исплата на долговите кон стопанството. Експертската јавност е изненадена што ваква непопуларна мерка се предлага од бизнис заедницата, а не од Владата како креатор на фискалната политика.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски предупредува дека ваквото решение би било контрапродуктивно и за компаниите и за граѓаните. Решението за актуелната криза според него треба да се бара кај Владата:

Symbolbild Geld und Wachstum

Повеќе пари за ДДВ - продуктивно или контрапродуктивно?

„Решавањето на проблемот треба да се бара кај Владата која треба да направи селекција и приоритети на одредени расходи, во смисла на побрзо враќање на ДДВ и побрза исплата на достасаните обврски. На тој начин би се зголемила ликвидноста, а тоа би дало и дополнителен импулс за развојот на економијата“, смета Ивановски.

Со сличен став е и неговиот колега и поранешен министер за финансии Никола Поповски: „ Ако се зголеми ДДВ-то ќе се зголеми и кумулираниот долг што треба да се врати. Мислам дека треба да се скратат владините трошоци, бидејќи тие се големи“, смета Поповски.

Бизнисмените се свесни дека станува збор за болно решение, но инсистираат на негова примена. Предупредуваат дека стопанството нема пари за враќање на кредитите и за плаќање на давачките кон државата:

Symbolbild Geld Münzen

„Тоа е едно крајно решение кое е подобро да се направи отколку да тапкаме во место. Тоа од наша страна покажува колку сме отворени и флексибилни за што било што води до решение“, изјави за Дојче Веле Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Оваа бизнис асоцијација до владата достави и предлог антикризни мерки за што чека одговор. Од Владата велат дека сите налози се исплаќаат согласно законските термини и не се планира зголемување на даноците. Неликвидноста на стопанството била главно последица на надворешни фактори, односно европската криза. Како инструмент за подобрување на наплатата Владата воведе задолжница. Но, таа важи само за регулирање на должничко-доверителските односи меѓу компаниите, а не и за долгот на државата кон фирмите. Во Македонија данокот на додадена вредност се пресметува по два основа. Општа, која изнесува 18%, и повластена од 5%.