1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Наместо датум, нов рок за Македонија

Освен преговорите со Грција за името, во заклучоците за Македонија сега се наведуваат и добрососедските односи со Бугарија. Еврокомесарот Филе смета дека е постигнат добар напредок. Атина и Софија задоволни.

Македонија ќе почека на доделување на датум за почеток на преговори со ЕУ до напролет следната година, а во меѓувреме треба да продолжи да работи на внатрешните реформи, на подобрување на односите со Бугарија, како и на решавање на спорот за името со Грција. Ова е заклучокот од вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел. Доколку ги исполни поставените услови, Македонија може да се надева да добие датум во јуни следната година.

„Со оглед на евентуалната одлука на Европскиот совет за отворање на преговори за членство со поранешната југословенска Република Македонија, Советот, врз основа на извештајот што ќе биде презентиран од страна на ЕК пролетта 2013-та година, ќе го испита спроведувањето на реформите во контекст на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како и преземените чекори за промовирање на добрососедските односи и постигнување на компромисно и взаемно прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на ОН“, се вели во заклучоците од состанокот.

Informeller Beitrittsdialog auf hoher Ebene zwischen EU und Mazedonien

ЕУ комесарот Штерфан Филе

Од заклучоците кои беа усвоени во Брисел, јавно задоволство манифестираа сите. Според европскиот комесар за проширување Штефан Филе ваквиот заклучок е значителен пробив, со оглед на повеќегодишните блокади од Грција. Филе рече дека се надева оти министерската одлука ќе отвори можност за конечно решавање на спорот меѓу Скопје и Атина.

Во Македонија досега се огласи единствено Секретаријатот за европски прашања од каде е соопштено дека одлуката од Брисел треба „да ги израдува сите македонски граѓани затоа што не само што дава надеж за подобра иднина, туку и докажува дека нашите европски аспирации стануваат реалност“.

Грчкото министерство за надворешни работи смета дека одлуката може да биде катализатор за решавање на спорот за името.

„За прв пат решавението на прашањето за името е поставено јасно со едногласна одлука на Советот, како предуслов за отворањето на пристапните преговори за ФИРОМ. Прашањето за името веќе е клучен елемент со јасни услови, за исполнување на критериумите за добрососедски односи“, пишува во соопштението на грчкото МНР.

И шефот на бугарската дипломатија Николај Младенов изрази големо задоволство од заклучоците.

„Се што е поврзано со патот на Македонија кон ЕУ отсега натаму во целост зависи од политиката која раководството на таа земја ќе избере да ја следи“, порача Младенов од Брисел. Тој потенцираше дека во заклучоците е прифатена бугарската декларација која ги формулира очекувањата на Софија од резултатите од преговорите со Скопје.

„Денешната одлука потврдува дека прашањето за добрососедските односи стана тема за набљудување од страна на европските институции и државите од ЕУ“, рече Младенов.

Поврзана содржина