1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Наместо датум за преговори, Брисел понуди компромис

ЕУ за датум за преговори со Македонија ќе одлучува во текот на следното претседателство на ЕУ, во првите шест месеци од 2010-та, одлучија министрите за надворешни работи на Унијата по макотрпни преговори.

default

ЕУ ја нотира препораката на Европската комисија за отпочнување на претпристапните преговори со Македонија и ќе се наврати на прашањето во текот на следното претседателство, стои во финалното соопштение на Советот на ЕУ.

ЕУ е охрабрена од последните позитивни случувања на релација Скопје - Атина, а истовремено министрите и‘ порачуваат на Македонија и дека одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи и заеднички прифатливо решение за името, останува од суштинско значење.

На потег се Скопје и Атина

ЕУ сега од Македонија и Грција во следниве шест месеци очекува вистински исчекор во изнаоѓањето заеднички прифатливо решение за името, порачаа вчера Европската комисија и шведското претседателство.

“Долго време сме сведоци на решавање на ова прашање. Ако имате ситуација каде едната страна е премногу задоволна, а другата премногу депримирана, тоа предвидува појава на проблем. Но ако и двете страни покажуваат интерес и желба за успех и се подготвени на компромис тоа е добар знак дека еден ден ќе успеат да ги надминат сите проблеми. Ние го имаме токму ова. Ние имаме ситуација каде двете страни се чекор понапред до крајната задоволителна цел“, изјави Карл Билт, шведскиот министер за надворешни работи.

“Кај мене има поттик од позитивниот развој и повторно обновените контакти помеѓу двајцата премиери што се однесува на делот на спорот за името кој впрочем е од билатерална природа. Ова треба да им овозможи на двете земји да го решат проблемот со името кој е од билатерален карактер“, изјави еврокомесарот Оли Рен.

Груевски не е изненаден

Од своја страна, македонскиот премиер Никола Груевски, кој вчера престојуваше во Брисел, не беше изненаден од крајниот резултат на седницата на Советот. Тој смета дека одамна Грција најавува дека ќе ја блокира Македонија поради прашањето за името. Според него, Грција бара Македонија да се откаже од својот идентитет за да влезе во ЕУ.

Nikola Gruevski Giorgos Papandreou

Никола Груевски и Јоргос Папандреу, разговорите ќе треба да продолжат

„Овојпат тоа е направено на малку пософистициран начин отколку што тоа беше во Букурешт, иако оставањето можност ЕУ да се наврати на прашањето, остава некоја надеж дека нешто можеби ќе се придвижи во тој правец“, Груевски

Сепак, тој вчера вети дека Македонија ќе продолжи да ги спроведува потребните реформи за напредок кон ЕУ и дека владата ќе работи на модернизација на општеството.

Токму реформите се и третиот дел од заклучоците на ЕУ-министрите кои забележуваат дека во Македонија се се‘ уште потребни дополнителни напори во борбата против корупцијата и обезбедувањето независно и функционално судство.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM