1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Назад другари кон Советскиот сојуз!

Во Москва неодамна беше најавена очекуваната рокада. Владимир Путин повторно ќе биде претседател, а Дмитри Медведев премиер. Аналитичарите очекуваат Путин да ги зајакне напорите за реинтеграција на пост-советските држави

default

Дмитри Медведев и Владимир Путин

Аналитичарите во поранешните советски републики со загриженост го следат повторното кандидирање на Путин за претседател на Русија. Тенденциите на Москва кон реинтеграција на просторите на некогашниот Советски сојуз би можеле да бидат особено опасни за Белорусија, проценува политичкиот експерт од Минск, Владимир Мацкиевич.

„Путин овојпат не доаѓа за да ги реши проблемите, туку за да се обиде да направи голема сила од Русија и да изгради некој вид нов Советски сојуз“. Мацкиевич стравува дека би можела да биде загрозена и сувереноста на Белорусија.

За таа цел веќе е формирана царинска унија меѓу Русија, Белорусија и Казахстан, а следниот обид би можел да биде воведување на руската рубља како заедничка валута.

И бројни украински политиколози сметаат дека Москва тежи кон реинтеграција на советскиот простор. Украинскиот професор по политички науки Олексиј Харан верува дека постои опасност Путин да успее во намерата да наметне единствен стопански простор во тој дел од Европа.

Најважната полуга во тој систем ќе биде рускиот енергетски гигант Гаспром. Украинскиот аналитичар Серхиј Таран предупредува дека Москва секогаш го користела енергетскиот монопол кој го има во земјите од поранешниот Советски сојуз.

„Путин ја изгради својата политичка кариера преку Гаспром и тоа е главниот инструмент на руската надворешна политика“, вели Таран.

Russland Dmitri Medwedew und Wladimir Putin in Moskau

Пасивната руска јавност

Што се однесува до Русија, таму, во опстанокот на тандемот Путин-Медведев важна улога играат медиумите во земјата, вели Галина Михаилова од руската опозициска партија Јаблоко.

„Медиумите играат главн улога. Но, забележливо е и дека руското општество е пасивно. Граѓаните не споредуваат што им се нуди, се задоволуваат со малку, не сакаат да бидат политички активни и целосно се разочарани. Тие веруваат дека одлуките и онака се носат без нив“, вели Михаилова.

Алјона Хетманчук од украинскиот Институт за меѓународна политика верува дека опасноста од подведување на Украина под Русија ќе биде многу помала доколку земјата до крајот на годинава го склучи Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Потоа може да се очекува дека Киев во дијалогот со Москва нема да бара само формула за поповолна цена на гасот, туку и нова формула за меѓудржавните односи.

Загриженост во Грузија

Russischer Panzer auf dem Weg nach Südossetien

Руски тенкови во Грузија за време на војната во 2008 година


Недостатокот на демократија во Русија со особена загриженост се следи во Грузија. Пред три години Грузија и Русија беа во војна поради Абхазија и Јужна Осетија. Каха Гоголашвили од организацијата за стратешки и меѓународни студии во Тбилиси смета дека со враќањето на Путин ќе зајакнат авторитарните тенденции во Москва.

Грузија беше подготвена да преговара со Медведев, кој оставаше многу полиберален впечаток. Со Путин тешко ќе дојде до напредок во преговорите за решавање на проблемот со отцепените републики, но и за проблемот со руската стопанска блокада на Грузија. Во Тбилиси очекуваат дека Путин ќе биде претседател во следните два мандати, значи до 2024 година.

Автор: Андреј Савицки / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска