1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Надеж за „втор живот“ на народната носија

Шеесеттина години трае процесот на исчезнување на народната носија, автентичен белег на македонската култура. Надеж меѓутоа влева нараснатиот интерес кај младите за традиционалната облека на нивните баби и дедовци.

default

Невестинската „поречка“ носија

Скутници, антерии, елеци, клашни бечви, кошули – само мал дел од традиционалната машка и женска народна носија, сведоштва за културата на облекувањето и живеењето на македонскиот народ од минатите столетија до средината на минатиот век. Народната носија е можеби најконцентрираниот израз на идентитетот и традициите на македонскиот народ.

Исчезнувањето на народната носија од селата започнува по 50-тите години

Mazedonische Volkstracht

„Белокрпка“ – носија за секој ден од тетовските подрачја Поселие и Подгор

Владимир Јаневски, експерт за народни носии од катедрата за етнокореологија на Факултетот за музички уметности на Државниот универзитет во Штип, истакнува:

„Во македонската традиција, во културата на облекување во Македонија, познати се околу 40 типови на народни носии. Губењето на носијата започнало по Втората светска војна, по востановувањето на така наречениот ’колективен начин’ на живеење.“

Валентина Гавриловска, виш кустос-етнолог во Музејот на тетовскиот крај, се надоврзува:

„Во тетовскиот регион се издвојуваат три типови на народна носија кај македонското православно христијанско население. Тетовско е регион каде што тоа населението, сакајќи да зачува повеќе од својот идентитет, за разлика од другите делови на Македонија, се грижи за зачувување на ова материјално културно наследство како одлика на духовната и националната култура.“

Под забот на времето носиите ги снемува се повеќе од старите правливи сандаци во куќите по селата. Тие се селат во депоата на музеите и во гардероберите на фолклорните културно-уметнички друштва.

Mazedonische Volkstracht

Невестинска носија од пет села под планината Сува Гора, денес во состав на општина Брвеница.

Се измислуваат нови народни носии и се ’увезуваат’ туѓи фолклорни стилови

Професорот Јаневски нагласува:

„Пропагатори на културата на облекување стануваат културно-уметничките друштва и тука веќе, заради некаква специфика на комуникација со публиката, или многу повеќе специфика на некаква си естрада, започнуваат да се измислуваат македонски носии. Со оглед и на тоа што дел од носиите потешко се наоѓаат.“

Тој предупредува дека се нарушува светски препознатливиот уметнички код на македонската носија, поради некритичкото преземање туѓи фолклорни стилови и карактеристики, и напоменува:

Во културно-уметничките друштва работат нестручни луѓе, односно, не работат етнолози, кои ќе можат да кажат стручно како може да се направи реконструкција на старата носија, реплика, или копија на некогашната носија.“

Слободанка Ѓорѓиевска, осумдесетгодишна жителка на тетовското село Брвеница, по потекло од селото Битово во Македонски Брод, укажува на спецификите и макотрпната рачна изработка на така наречената „поречка носија“:

Mazedonische Volkstracht

Антерија – дел од невестинската носија од тетовските села Стенче и Волковија

„Клашни сме ткаеле, бечви, мажите носеле се клашни. Жените носеле џупи, па и овие кошуливе, кои ги правеле. Кога ќе го белеле платното, деветпати го правеле тоа, та потоа го везеле и го шиеле. Се било ткаено, белено, плетено.“

Нејзината врсничка Димка Јакимовска од Брвеница, родена во селото Битуше, исто така, во Македонски Брод, посочува на она што претставувала носијата некогаш, но и како таа се третира понекогаш денес:

„Порано ако не си ја облечел носијата на сведни – Велигден, Божик, Водици – во црква да појдеш со носијата, не те сметале како човек. Те сметале како сиромав. Денеска нема носии и ги кријат. Велат: ’Немаме’. Или, се потсмеваат со некого. Еве, некои се потсмеваат со нас, кои ја облекуваме народната носија.“

Интересот на младите влева надеж

Културно-уметничкото друштво „Брвеница“ од истоименото село ги негува не само фолклорните музички и играорни традии, туку и автентичната народна носија. За ова секоја година од настапите на натпреварувачките манифестации на носијата во земјата се добиваат многубројни високи признанија и награди.

Драге Симјановски, раководител на брвеничкото културно-уметничко друштво, истакнува:

Mazedonische Volkstracht

Појас од невестинската носија од тетовските села Стенче и Волковија

„Секоја година претставуваме носија на различно село. Минатата година при настапот на манифестацијата во селото Кривогаштани ја прикажавме носијата од тетовското село Стенче и го освоивме првото место. Тоа е убава носија, стара е околу 240 години. На ваква смотра и во Струга имаме освоено прво место. Годинава од учество на таков фестивал на народната носија се вративме со освоено трето место. Потоа, ги изложуваме и носиите од селата Челопек, Милетино, Брвеница ... Вложуваме напори да опстане носијата. Имаме 60-70 членови, главно деца од 7 до 17 години. И оние најмалите имаат интерес и желба да ги облечат старите носии и тоа е за нас голем успех. Традицијата продолжува да живее, но, локалната самоуправа треба да ја зголеми својата помош за нашите активности. Треба да помогне и Министерството за култура.“

Професорот Јаневски ја споделува констатацијата на нашите соговорници од Брвеница дека македонската народна носија има шанси да го заживее својот „втор живот“ во 21-виот век, поради зголемениот интерес кај младите, но и кај студентите, кои се определуваат за етнологијата и проучувањата на народната музика, ората и носиите. Сепак, не треба сите нешта да им се препуштаат претежно само на ентузијазмот и добрата волја на поединците. Државните институции од културата би требало да ја зголемат својата грижа за заштитата за носијата, како непроценлив симбол на македонскиот етнос и култура.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Трајче Тосев