1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Награда за филмот за миграција на душите

Никој не очекуваше... Тајландскиот режисер Апичатпонг Веерасетакул на големо изненадување ја доби Златната палма на 63-от филмскиот фестивал во Кан.

default

Апичатпонг Веерасетакул направи бавен, но вознемирувачки филм

Спонтаните извици и честитки на публиката, од која навистина мал дел го виде годинашниов филм-носител на Златната палма, го одобрија изборот на жирито претседавано од Тим Бартон.

„Тоа е важен момент за историјата на Талјанд, за тајландскиот филм“, реагираше лауреатот Апичатпонг Веерасетакул, кој во 2004 година во Кан ја доби наградата на жирито за филмот „Тропска болест“.

„Чичкото Бунми – тој што се сеќава на своите претходни животи“ е бавен и вознемирувачки филм, приказна за еден стар човек, фантомот на неговата сопруга, неговиот син – горила, една принцеза и една рипка со натприродна моќ. Свет во кој душите мигрираат од луѓето кон растенијата и животните... Не е ни чудно што овој свет го освои срцето на претседателот на жирито Тим Бартон.

Ехо на бучавата на светот

Освен ова изненадување, жирито ги исполни очекувањето и најавите на фестивалската публика, односно наградите се одраз на годинашнава селекција како што потсети француско-британската актерка Кристин Скот Томас, домаќинка на 63-то издание на меѓународниот филмски фестивал во Кан.

„Фестивалот завршува и фотелјата на иранскиот синеаст Џафар Панаи остана празна. Денес тој е во деветтиот ден на штрајк со глад. Стивен Спилберг не‘ потсети дека Фестивалот во Кан е тврдина која го заштитува филмот. Како и често досега, фестивалот беше место на различни полемики, селекцијата е дел од нив. Тоа е сведоштво за нашата слобода да мислиме и се изразуваме без ограничувања. Како никогаш досега филмовите се како ехо на бучавата на светот“, нагласи Кристин Скот Томас.

Filmfestival Cannes 2010 / Juliette Binoche

Жилиет Бинош, добитничка на Златната палма за најдобра женска улога во филмот „Верна копија“

Тројца французи заминуваат со награди

Големата награда на жирито ја доби францускиот режисер Ксавие Бовуа, импресионира со филмот „Луѓе и богови“ – животната приказна за монасите од Тиберин, киднапирани и убиени во 1996 година во Алжир.

Уште двајца други Французи беа наградени.

„Каква радост, каква радост, какво задовослтво да работам со тебе Абас“ – беа првите зборови на Жилиет Бинош, добитничката на Златната палма за најдобра женска улога во филмот „Верна копија“ на иранецот Абас Киаростами, прв негов филм целосно снимен надвор од Иран.

Матјо Амалрик ја доби Наградата за режија за неговиот прв филм „Турнеја“, во кој ја игра и главната улога на импресарио на група полни, елегантни и вулгарни стриптизети со кои тргнува да го освојува Париз.

Filmfestival Cannes 2010 / Javier Bardem / Elio Germano

Хавиер Бардем и Елио Џермано

Наградите за најдобар актер за улогите на двајца татковци

Златната палма за најдобра машка улога ја поделија шпанскиот актер Хавиер Бардем од филмот „Бјутифул“ на Алехандро Гонзалес Инариту, заедно со Елио Џермано во италијанскиот филм „Нашиот живот“ на Даниел Лучети. Улоги на храбри таковци, првиот осуден од рак кој сака да ги заштити своите деца по неговата смрт, вториот вдовец кој живее со своите три деца. Двајца татковци кои живеат и работат во корумпирани и неморални општества. Првиот вработува тајни имигранти во тајна текстилна работилница, вториот ги експлоатира на градилиште.

„Наградата и‘ ја посветувам на Италија и на Италијанците, кои прават се‘ што можат за да ја направат земјата подобра и покрај нејзината раководна класа“, порача Елио Џермано.

Златната палма за сценарио ја доби еден од фаворитите - Ли Чанг-Донг за „Поезија “, додека наградата на жирито ја доби Махамат-Салех Харун од Чад за „Еден човек кој вреска“. Златната камера му беше доделена на Микаел Роув за филмот „Бисекстилна (престапна) година“.

На крајот од фестивалот, претседателот на жирито Тим Бартон оцени: „Наградите одат за хомогена и квалитетна селекција и се свртени кон хуманоста.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска