1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Награда за литературниот хроничар на германската историја

На 29. октомври во Дармштад по шеесетти пат ќе биде доделена наградата „Георг Бихнер“, а таа годинава оди во рацете на Кристијан Делиус. Кој е Делиус и зошто токму тој ја добива јубилејната награда?

default

Кристијан Делиус

Целта на академијата, што ја доделува наградата, била таа годинава да отиде во рацете на писател, кој литературно ги следел сите епохи од развојот на Сојузна Република Германија. Кристијан Делиус бил совршен кандидат. „Критички настроен, снаодлив и иновативен, тој во своите романи и песни ја раскажува приказната на германското постоење“, се вели во официјалното објаснување.

Кристијан Делиус важи за еден од доајените на модерната германска литература. Роден е во 1943 година во Рим, а израснал во германската покраина Хесен. Првите поеми ги издава уште на 19-годишна возраст, а потоа речиси секои две години излегуваат нови дела од него.

Револуционерниот млад писател

Autorenlesung Friedrich Christian Delius

Средба со читателската публика во Кобленц

Во шеесеттите и седумдесеттите години, Делиус важеше за одлучен „левичарски“ автор, типичен претставник на револуционерната `68 година. Од 1963 живее во Берлин, каде докторираше во областа на литературната наука. Во своите романи од тоа време се занимава со студентските движења и се пресметува со политичари и бизнисмени преку жестоките сатири, како на пример „Ние, претприемачите“ (1966 година). За неговото иронично и фиктивно дело „Нашиот Сименс свет“ дури си заработи и долгогодишен судски спор со концернот.

Во периодот од 1970 до 1978 година, Делиус работи како лектор за различни издавачи, меѓутоа како писател не ги испушта од вид ниту актуелните случувања. Времињата во кои во Германија владееше тероризмот ги обработи во романите како „Херој на внатрешната безбедност“ (1981), или, пак, „Место до прозорец“ (1987). Потоа како тема се наметна обединувањето на Германија, со кое Делиус долгорочно се занимава.

Помалку политика, повеќе поетика

Buchcover: Friedrich Christian Delius - Die Flatterzunge

Книгите на Делиус се преведени на 16 јазици

Со промените низ кои поминуваше германската република, се менуваше и писателот Делиус. Иако засекогаш останува политички свесен автор, во последно време политиката не е неговиот фокус, истакнува претседателот на академијата Клаус Рајхерт. „Повеќе се осврнува на поетиката; ја задржува политиката како основа, врз која создава романи, кои имаат големо поетско влијание“, нагласува Рајхерт.

„Крушите од Рибек“ од 1991 година се смета за едно од најзначајните дела на Кристијан Делиус. Во него тој ја раскажува приказната за стар жител на мало селце, кој останува во своето родно огниште, додека околу него се случуваат значајни промени - периодот на германското кралство, националсоцијализмот, ДДР...

Од младиот и активен млад писател се разви хроничар на германската историја. Како таков, Кристијан Делиус стекна популарност и надвор од границите на Германија. Најдобар доказ за тоа е фактот што неговите дела се преведени на 16 јазици.

Автор: Габриела Шаф/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска