1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Наградата „Сахаров“ за ирански активисти

Адвокатката Насрин Сотудех и филмскиот режисер Џафар Панахи се заеднички добитници на годинешната награда „Сахаров“ што Европскиот парламент ја доделува за слобода на мислата.

Претседателот на ЕП, Мартин Шулц вака ја образложи одлуката за наградата на иранските активисти:

„Наградата за Иранците за слобода на мислата е порака на солидарност и признание на една жена и еден маж кои не потклекнаа на стравот и заканите и кои одлучија судбината на својата земја да ја стават пред сопствената. Искрено се надевам дека и двајцата ќе можат да дојдат во Стразбур во декември и во Европскиот парламент лично да ја подигнат оваа награда“, истакна претседателот Шулц, кој лично треба да ја предаде оваа значајна награда на пленарна седница во последниот месец од оваа година.

Инаку, 49-годишната Сотудех е адвокатка, борец за човекови права која ги застапува опозициските активисти што од 2009. година се наоѓаат во затвор по спорните претседателски избори, при што некои од нив се соочуваат и со смртна казна. Таа беше уапсена во септември 2010. година под обвинение за ширење на пропаганда и заговор со цел да и‘ наштети на државната безбедност и ја држат во самица.

Насрин има две деца, а од неодамна започна и штрајк со глад во знак на протест против малтретирањето на нејзиното семејство од страна на државата.

Џафар Панахи, пак е 52-годишен ирански режисер, сценарист и филмски уредник. Тој за првпат се стекна со меѓународни признание со филмот „Белиот балон”, кој во 1995. година на Канскиот филмски фестивал освои награда за најдобра камера. Неговите филмови често се фокусираат на тешкотиите со кои се соочуваат децата, сиромашните и жените во Иран.

И Панахи, како и Сотудех, е уапсен во 2010. година и подоцна осуден на шестгодишна затворска казна и забрана во наредните 20 години за правење филмови што ќе се емитуваат во странство. Неговиот најнов филм „Ова не е филм” беше прошверцуван од Иран во 2011. година со помош на стик скриен во внатрешност на торта, по што беше прикажан на Канскиот фестивал.

Наградените Сотудех и Панахи беа номинирани од страна на социјал-демократите, либерал-демократите, зелените и Европската слободна алијанса, како и од Елмар Брок, Хозе Игнасио Салафранка и други 11 пратеници од Европскиот парламент. Во конкуренција на Алеш Бјалиацки и руската група „Пуси Рајот“, Иранците се закитија со годинешната награда „Сахаров“ што од 1988. година ја доделува Европарламентот. Оваа награда ја добиваат поединци или групи што даваат важен придонес во борбата за човекови права и дмеократија шриум светот.

Добитниците на наградата „Сахаров” добиваат и паричен износ од 50.000 евра, кој во случајов ќе го поделат Сотудех и Панахи.