1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нагласено пријателски

Американскиот претседател Барак Обама и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху манифестираа слога по средбата во Белата куќа. Со тоа требаше да им се стави крај на тензиите меѓу двете влади од изминатите месеци.

default

Нетанјаху и Обама насмеани и опуштени

„Во сите мои изјави во изминатите година и половина секогаш нагласував дека Америка и натаму се чувствува обврзана да придонесе за безбедноста на Израел.“

Со оваа реченица на Барак Обама требаше да бидат запечатени сите шпекулации за несогласувања меѓу Вашингтон и Ерусалим. Обама, исто така, порача дека САД нема да го молат Израел да преземе какви и да е чекори за откажување од неговите планови за одбрана. Израел има „специјални безбедносни потреби“, додаде Обама, индиректно осврнувајќи се на израелското атомско оружје, кое официјално никој не го споменува.

Демантирано дека имало лични недоразбирања

Ваквите изјави предизвикаа големо задоволство кај гостинот од Ерусалим, кој и му се заблагодари на домаќинот Барак Обама. Шефот на Белата куќа од своја страна ги негираше сите информации дека меѓу него и израелскиот премиер Нетанјаху имало лични недоразбирања: „Отсекогаш имав доверба кон премиерот и тоа уште од првата наша средба, во времето кога уште не бев претседател. Во повеќе наврати повторив, како јавно, така и приватно, дека тој е соочен со многу комплексна ситуација и тоа среде многу брутално соседство.“

NO FLASH Benjamin Netanyahu bei einem Treffen mit Barack Obama

Ќе има нов обид за преговори

Обама во неповолните околности ги наброја Иран со неговата атомска програма, потоа радикалната палестинската организација Хамас која владее во Појасот Газа, но и арапските држави во соседството. Проблем за израелскиот премиер Нетанјаху се меѓутоа и ултраконзервативните доселеници во сопствената земја, кои досега успешно ги торпедираа сите обиди за мировни преговори со Палестинците. Но, ќе има нов обид за преговори, порача Барак Обама пред новинарите во Белата куќа. Сегашните индиректи преговори наскоро ќе прераснат во директни. Нетанјаху на таквата најава возврати:

„Се чувствуваме обврзани кон мирот, јас лично се чувствувам обврзан. Мирот ќе го подобри животот на Израелците и Палестинците и сосема сигурно ќе го промени целиот регион. Израелците се подготвени многу да сторат за тој мир, но сакаат да бидат сигурни дека потоа секако ќе ја добијат посакуваната сигурност. Не сакаме да ни‘ се повтори ситуацијата во која ние се повлекуваме од одредени подрачја за потоа од нив иранските властодржци да стрелаат врз нас со ракети и бомби.“

Вклучувањето на Хамас - непознаница

Главната порака од средбата меѓу Обама и Нетанјаху во Белата куќа е дека ќе има директни мировни преговори. Таа се потпира и на претходната средба на Обама со претседателот на Палестинците, Махмуд Абас. Она што останува за сега нејасно е дали и ако да, како ќе се вклучи радикалното палестинско движење Хамас во преговорите.

Автор: Зилке Хаселман / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска