1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Навредливите скандирања немаат место на трибините

На спортските терени во Македонија се забележува скандирање песни или истакнување пароли со антиалбанска или антимакедонска содржина. Оваа појава е забележана и во другите држави на Балканот.

default

Македонските навивачи на ЕП во Србија

Македонските навивачи во изминатите денови, одново беа составен и многу влијателен фактор во успехот на македонската ракометна репрезентација. Беа постојан придружник и поддржувач на ракометарите во сите искушенија низ кои минаа на Европското првенство во Србија. Тоа не остана незабележано во меѓународните кругови. Во секој новинарски извештај беше нотирана атмосферата создадена од македонските навивачи.

Но, навивањето на Европското првенство предизвика и поинакви полемични тонови во јавноста, иницирани од дел од албанскиот етникум во Македонија. Поводот е слоганот „клетите Шиптари“.

Конфронтацијата меѓу навивачките групи во Македонија кои припаѓаат на различниот етникум е од поодамна. На стадионите, во салите доаѓаат „наоружани“ со навредливи слогани, добро подготвени да влезат во вербални дуели. Зошто од потребата да се поттикнува омраза на спортските терени? Може ли рефрените со антинационална содржина да исчезнат, барем во пригодите, каква што беше Европското првенство?

За генезата на ваквото навивање зборува Дејви Спиркоски. Тој повеќе од 17 години активно го бодрел својот омилен клуб Победа од Прилеп, а во еден период бил и водич на навивачката група „Мајмуни“:

„Во минатата деценија практика беше националистичкото чувство да го изразиш на стадион. Јас во тоа време бев помлад и растев со повозрасна генерација. По 2000 година јас го добив местото водич на групата. На помладите генерации кои ни се приклучуваа како членови, на различни начини се трудевме да им укажеме и да ги едуцираме дека таквото навивање со навреди не му носи добро ниту на спортот ниту на навивачките групи. Се обидувавме тоа да го искорениме. Во последено време можеби се случувало некое скандирање на некој натпревар, но верувајте тоа не било од срце. Тоа се случувало кога имало провокација од некоја друга навивачка група“.

Настапите на македонската ракометна репрезентација на ЕП, Дејви Спиркоски ги проследи пред малиот екран. За скандирањето на песната со навредлива содржина кон Албанците, од страна на македонските навивачи, тој вели дека е апсурдно да се навива против некоја нација или држава, а во исто време да не се игра против неа.

Handball EM Mazedonien-Deutschland

Од натпреварот Македонија -Германија во рамките на ЕП во Србија 2012

„На ЕП во Србија од македонските навивачи се слушна една песна која допира до жителите во Македонија со различна етничка припадност. Тоа искрено не го оправдувам, но не можам и да ги нападнам нашите навивачи бидејќи не верувам дека 8 - 10 илјади македонски навивачи, кои се присутни во Србија сите заедно го пееле тоа. Според мене тоа го правеа околу стотина навивачи, кои членуваат во некои навивачки групи од поголемите градови и кои тоа го прават од навика. Тоа се навивачи кои подолго време се присутни на трибините, тие се служат со такви песни и тоа им е како некоја навика“.

Да се стави крај на навредите!

Дејви Спиркоски апелира до сите навивачи дека е време да се стави крај на националистичките навреди и слогани. Тој вели, доколку Македонија во догледно време сака да биде домаќин на некое големо натпреварување во кој било спорт, организацијата на такво првенство треба да се оправда: „Мора да промениме нешто во однос на едукацијата на навивачките групи, дали преку некакви семинари и сл. Тоа треба да го организира врвот на државата. На сите млади навивачи кои сакаат да бодрат некој тим, сакам да им порачам да се обидат да ги исфрлат тие слогани, бидејќи доаѓа време кога Македонија треба да превземе големи чекори, да организира големи првенства каде на едена иста трибина ќе бидат приклучени навивачи од неколку земји. Во многу европски земји ваквото навивање не е веќе присутно. Така треба да биде и кај нас!“, вели Спиркоски.

Криза на спортскиот морал

Skopje Fußball 2011

Фудбалскиот стадион во Скопје

Спортот е универзален јазик, кој ги поврзува луѓето заедно, но во изминатиот временски период, преку моделот кој го манифестираат навивачките групи на спортските терени се’ повеќе се доживува како зло, како насилство и наместо да ги зближува луѓето и навивачките групи, прави одбојност да се присуствува на спортските терени, коментира за Дојче веле доцент д-р Лазар Нанев, автор на книги за навивачки групи:

„Наместо хуманата димензија на спортот, денес ја имаме неговата агресивна димензија, имаме агресија, тепачки, навреди, сериозни облици на еуфиричен ’национализам’ која ја загрозува безбедноста на сите кои се присустни на спортските стадиони“, вели Нанев. Тој истакнува дека силниот процес на дискриминација, расизам и насилство, забележлив за зпадните земји, за жал се префрли и на домашен терен, но во една специфична форма, барем за балканските простори, во формата на „национализам“, вели Нанев: „Таквиот пристап на навивачите, доведе до опаѓање на угледот на спортот што доведува до општа криза на спортскиот морал, опаѓање на основите на кои функционира спортот, загуба на критериумите и спортската ориенатција, заостанување во искуствата на примена на меѓународните стандарди, финансиски загуби на клубовите и загуба на репутацијата која дотогаш постоела“.

На наредната страница прочитајте: Како да се надмине ваквата состојба?