1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Наводите за употреба на хемиско оружје во Сирија го шокираа светот

Сириската опозиција информира за нова употреба на хемиско оружје од страна на режимот на Асад. Тој ги отфрла ваквите обвинувања. Напад со отровен гас не се совпаѓа со досегашната стрaтeгија на Асад, велат експертите.

Советот за безбедност на ОН, на барање на САД, одржа кризна седница за наводната употреба на отровен гас во Сирија. Притоа Советот не успеа да постигне согласност за официјална истрага. Советот побара разјаснување на ситуацијата, но не и директна истрага во Сирија од страна на инспекторите на ОН. Истовремено, Советот го поздрави тоа што генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун претходно се заложи за истрага на случајот.

Околу 35 земји, вклучително и САД, Франција и Велика Британија, се заложија за спроведување на истрага, колку што е можно поскоро. Вето силите Русија и Кина, кои го поддржуваат сирискиот властодржец, според дипломатите, спречиле формaлно соопштение на Советот за безбедност на оваа тема.

До 1.300 загинати од употреба на хемиско оружје?

Случајност или свесна провокација? Инспектори за оружје на ОН тукушто пристигнаа во Сирија за да ги истражат обвинувањата за употреба на хемиско оружје, трупите на опозицијата информираа за нов случај на употреба на хемиско оружје. Доколку ова е точно, тогаш претставува нова ескалација во сирискиот конфликт: Повеќе од 1.300 луѓе биле убиени во близина на сирискиот главен град со хемиско оружје, стотици биле повредени, известува „Националната коалиција на сириските револуционерни и опозциони сили“ во официјално соопштение за печатот.

Хишам Марва, еден од портпаролите на овој најголем сириски опозиционен сојуз, на прашање на ДВ обвинуваше: „Според нашите сознанија, убиени се најмалку 800 луѓе. Најмалку уште 1000 претрпеле телесни повреди од овој напад“.

Исто така и Георг Сабра, претседател на Сирискиот национален совет, според агенциски извештаи ги потврди нападите: „Овојпат режимот не сакаше да заплашува, туку да замре“, рече тој за агецијата Ројтерс во Истанбул. Независна потврда за нападите во моментов нема.

Syrien Rebellen berichten von Giftgasangriff im Region Ghouta

Сириски цивили морале да бидат медицински згрижени, по употреба на отровен гас, тврди опозицијата

Сириското министерство за надворешни работи, преку државната агенција Сана, соопши дека обвинувањата на опозицијата не се точни. Од Дамаск се вели дека опозиционите „терористи“ биле загрижени околу спогодбата меѓу Сирија и меѓународната заедница за истрагата за оружје за масовно уништување. Информациите за нов напад би требало да ја дискредитираат владата.

Можните мотиви се нејасни

Треба да се сочекаат прецизни наоди, вели Маргрет Јохансен, политиколот и експерт за Блискиот исток на Институтот за мировни истражувања и безбедносна политика на универзитетот во Хамбург. Нејасно е кои ги извел нападите. Доколку навистина тоа бил режимот на претседателот Асад, тогаш тоа значи дека тој се откажува од досегашната стратегија за водење војна: „Во моментов, од агол на режимот, не можам да си замислам разумна причина, за да нареди употреба на хемиско оружје“, вели Јохансен во разговор за ДВ.

Ова важи дотолку повеќе што САД употребата на хемиско оружје ја означија како „црвена линија“. Доколку режимот навистина употреби хемиско оружје, би морал да смета на построги мерки од Западот „сѐ до воздушна интервенција“. Врз основа на преголемата моќ, режимот на Асад воопшо немал потреба од употреба на такво оружје, вели Јохансен.

Слично гледиште има и Оливер Тренер, раководител на тинк тенк Центарот за безбедносни студии (Center for Security Studies) на техничкиот факултет во Цирих. Иако сирискиот режим располага со една од најмодерните хемиски програми во светот, тој не може да препознае смисол во тоа да се користи ова оружје. „Токму сега, кога Асад повторно ја консолидираше својата позиција, тој не би бил добро советуван, наголемо да употреби хемиско оружје“.

Syrien Einsatz von Chemiewaffen in Aleppo

Алепо: И тука владата употребила отровен гас во април годинава, обвинува опозицијата

Џон Харт раководител на истражувачката група за хемиско и биолошко оружје на стокхолмскиот Иститут за истражување на мирот (International Peace Research Institute SIPRI), се воздржува од политички заклучоци. Тоа што употребата на хемиско оружје од страна на режимот на Асад досега не е потврдено, треба да се толкува во контекст на целиот конфликт: „Постојат две конкурентни толкувања на употребата на хемиско оружје. Едното потекнува од сириската влада, другото од силите на опозицијата.“ Двете страни ги толкуваат случувањата во контекст на нивните политички интереси.

Маргарет Јохансен затоа не ја исклучува можноста дека овој напад служи пред сѐ за пропагандистички цели: „Секоја од борбените страни, која сака да го натера Западот на воен ангажман, би можела да се обиде да спроведе ваква акција како 'agent provocateur'. Не велам дека е тоа така. Но сметам дека тоа не е невозможно“.

Инспекторите на ОН, кои во моментов се во Сирија, се обврзани да ја ограничат нивната истрага на три утврдени места. Местото каде се случија новите напади не е меѓу тие три места.