1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Навивачите во улога на менаџер и тренер

Во фудбалскиот клуб Фортуна од Келн сакаат гласот на навивачите да има голема тежина. Тие стануваат колективни финансиери и еден вид колективна управа, со советодавно право и кога е во прашање составот на тимот.

default

Кум на зафатот на Фортуна Келн: филмскиот режисер Зенке Вортман

За фудбалските навивачи е типично дека секој знае повеќе од тренерот или менаџерот што треба да се направи. Во интернет доживуваат бум компјутерските симулации и игри со задачите на менаџер на фудбалски клуб: корисниците го утврдуваат составот на тимот или решаваат кој играч да го купат. Но, не мора да е само виртуелно - во Келн бележиме пример за понуда во интернет за реална игра на менаџирање фудбалски клуб.

Фортуна Келн сега се натпреварува во Петта лига. Од почетокот на април навивачите добија шанса да го диктираат текот на настаните во клубот. Преку еден интернет-портал тие можат да се регистрираат и потоа да учествуваат во донесувањето решенија во менаџментот и во фудбалскиот погон.


Идејата е фудбалот да им се врати на навивачите

Иницијаторот на проектот Дирк Стефекен објаснува: „Врз основа на актуелната ситуација и на дискусиите дека фудбалот се’ повеќе се оддалечува од навивачите, си помисливме да му се спротивставиме на тој тренд и фудбалот да го вратиме назад кај навивачите. Нашите членови треба да преземат две улоги - на менаџер и на помошник-тренер“.

За тоа треба да уплатат годишен придонес од 40 евра. Проектот фактички стартува оној момент, кога ќе се пријават 30 илјади учесници. Тогаш преку интернет тие ќе можат да решаваат за работи како дизајн на дресовите, палета на понуда на навивачки артикли, но и кој да биде противник на наредниот пријателски натпревар. Со договор е регулирано дека решенијата на навивачите навистина ќе бидат спроведени.


Од навивачите само совети - тимот го составува тренерот


Како помошник-тренер, навивачите ќе можат да вршат влијание и врз составувањето на тимот. Тие ќе ги одберат посакуваните 11-мина, а потоа, пред натпреварот, за тоа во интернет-чет ќе дискутираат со главниот тренер Матијас Минк. „Тоа ќе биде тешко, но не и неизводливо. Ќе има гласање, но ако некој сака во нападот да види одбранбен играч и гласа за тоа, секако дека тоа нема да го спроведам“, вели Минк. Според правилата на играта и не мора; тренерот секогаш го има последниот збор кога е во прашање составот на тимот.


Фортуна ја карактеризираат социјален ангажман и компетенција


Идејата на Фортуна Келн не е нова - во Англија и Финска веќе има клубови раководени од навивачите. Во обата случаја тоа предизвика големо медиумско интересирање и привлече нови приврзеници и спонзори. На тоа сега се надева и Фортуна.

„Фортуна е култен клуб. Но, за мене е најважна работата со младите. Тие ги носат во клубот младите овде, во јужниот дел на градот, оттргнувајќи ги од улица. Социјалниот ангажман и социјалната компетенција за мене беше решавачко да се ангажирам овде“, вели кумот на потфатот, познатиот филмски режисер Зенке Вортман, автор на документарниот филм „Летна бајка“ за светското фудбалско првенство во Германија 2006.


Цел на Фортуна - враќање во Втора лига


Кумот Вортман веќе има визија накаде треба да оди проектот: „По неколку години радо би видел градско дерби против фудбалскиот клуб Келн во Втората лига“.

Тоа е далечната цел - Втора лига, каде Фортуна, до испаѓањето пред 8 години, одигра 26 првенства. Клубот од југот на Келн и натаму води на „вечната табела“ како најуспешен второлигаш. Со парите од 30 илјади интернет-менаџери ќе биде можно приближување кон таа цел.

►◄