1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Навални му објави борба на Путин

Рускиот опозиционер Алексеј Навални најави продолжување на нападите против рускиот претседател и покрај тоа што му е одреден куќен притвор. Тој засега не смее да се кандидира на избори.

Руски суд денеска на опозицискиот лидер Алексеј Навални му одреди мерка домашен притвор во траење од најмалку два месеца и му забрани да користи интернет или да разговара со новинари. Ваквата одлука Судот ја донесе врз основа на барање на иследниците кои водат истрага против него под обвинение за проневера.

Навални, истакнат критичар на претседателот на Русија, Владимир Путин и водач на антивладините протести од 2011-2012 година, изјави дека оваа одлука е неоснована и дека властите на овој начин сакаат да го замолчат. Навални, кој има имиџ на борец против корупцијата, заедно со неговите соработници во јануари објави извештај во кој е документирана корупцијата при подготовките за Зимските олимписки игри во Сочи.

Во стил на Викиликс, Навални ги обелоденува скандалите на владејачката партија. Тој важи за човек кој може да ги мобилизира масите. Политиколозите му признаваат талент, но критичарите го обвинуваат за блискост со десничарските популисти.

Навални директно му објави борба на Путин, најавувајќи интерес за претседателските избори во 2018. година. Но, ако пресудата во претходниот процес против него поради проневера биде правосилна, тој пет години нема право да се кандидира. Тој во јули минатата година беше осуден на пет години затвор условно, поради случај на проневера во дрвниот сектор. Навални тогаш прво беше прогласен за виновен за измама и осуден на пет години затвор, но еден ден подоцна, по масовните улични протести во Москва, беше ослободен и казната му беше променета во условна.

Тој и неговиот брат сега може да бидат обвинети дека украле и испрале вкупно 51 милион рубљи (1,4 милион долари) од козметичката компанија „Ив Рош“ и една руска фирма.