1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Набуко“-се‘ пореален проект

Планираната изградба на гасоводот „Набуко“ во регионот на Касписко море, кој ќе минува низ повеќе балкански земји, се’ до Австрија, станува се’ пореална. Денеска во Анкара (13.07.2009) треба да биде потпишан договор.

default

Станува збор за огромен проект. „Гасоводот Набуко“ има должина од 3.300 километри и од 2014 година низ него ќе поминуваат 31 милијарда кубни метри гас годишно кон Европа. Цевките ќе минуваат низ Турција, Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија. Тоа се токму оние земји кои денеска во Анкара го потпишуваат договорот за почеток на изградбата на „Набуко“, иако идејата постои веќе седум години.

Со договорот, земјите-учеснички во проектот се обврзуваат дека под никакви услови нема да ја попречуваат испораката на земниот гас. Целта на Европа е да обезбеди поголема независност од руските испораки на гас. Истата цел ја има и Турција. Но, тоа не е се`, вели Фулиа Илбеи, експерт за енергетика:

„Меѓу другото, Турција сака да си ја зацврсти позицијата во регионот и да заработи од нејзината поволна географска положба, со тоа што ќе биде енергетски мост меѓу земјите-потрошувачи и земјите-производители. Турција и турската индустрија ќе бидат среќни кога проектот ќе се реализира“, вели Илбеи.

Решени се сите спорни прашања

Internationales Treffen zum Nabucco Pipeline Projekt

Претставниците на земјите заинтересирани за „Набуко“

Со денешната средба во Анкара треба да биде испратен политички сигнал. Конечната одлука за инвестирањето најверојатно ќе биде донесена на почетокот на наредната година. За временскиот план, австрискиот министер за надворешни работи Михаил Шинделегер, при неодамнешна посета во Берлин, истакна:

„Финансирањето е разјаснето. Протокот низ Турција, што беше најважно прашање, сега е регулирано, а исто така регулирано е и колку Турција смее да користи од гасот. Значи, ова е добар знак за гасоводот, кој треба да биде реализиран до 2013 година,“ потенцираше Шинделегер.

Изградбата на Набуко треба да почне во 2011 година, а проектот чини 7,9 милијарди евра. Како советник на конзорциумот на гасоводот ангажиран е поранешниот германски министер за надворешни работи Јошка Фишер.

Автор: ТТ/АТ/ Пфефер Килијан/ Бернд Брандшајд

Редактор: Жана Ацеска