1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Наближува фузијата на „Порше“ и „Фолксваген“

Шефот на автоконцернот „Порше“ Венделин Видекинг заминува. Тоа е првата жртва во разврската на бизнис-трилерот меѓу автомобилските концерни „Порше“ и „Фолскваген“.

default

Кој знак ќе стои на новите спортски автомобили?

Најважната одлука од маратонската седница на Управниот одбор на „Порше“ е отворањето на портите за создавање заеднички концерн со „Фолскваген“. Со тоа е ставена точка на авантурата на долгогодишниот шеф на „Порше“ Венделин Видекинг, кој се амбиционираше да ја преземе контролата над 20 пати поголемиот концерн „Фолксваген“. Во тој обид Видекинг го презадолжи „Порше“ и сега мора да замине.

Меѓу одлуките на управниот одбор на „Порше“ е и зголемувањето на капиталот на фирмата, со што би требало да се постигне подобра позиција во преговорите за создавање заеднички концерн со „Фолскваген“. Поголема самостојност на „Порше“ во новиот концерн бара и премиерот на покраинската влада на Баден Виртемберг, каде се наоѓа и седиштето на „Порше“: „Порше ДОО во последните 15 години се претвори во извонредно претпријатие и претставува бисер на германското стопанство. Митот за Порше треба да остане видлив и неприкосновен и во рамките на идниот интегриран концерн“, порача Гинтер Етингер.

Што понатаму?

Deutschland Wirtschaft Porsche Zwischenbilanz Hauptversammlung Wolfgang Porsche und Wendelin Wiedeking

Успешното дуо се раздвои: Волфганг Порше, шеф на надзорниот одбор (лево) и Венделин Ведекинг, топ-менаџерот на концернот

За предвременото заминување од раководната функција во „Порше“, шефот Венделин Видекинг ќе добие отпремнина од 50 милиони евра. Според неговата најава, половината од нив треба да бидат вложени во една фондација, што ќе се грижи за помош на работниците во фабриките на „Порше“ во наредниот период. Тие, пак, дури на пладне ќе добијат известување за развојот на настаните директно од шефот на управниот одбор Волфганг Порше и претседателот на работничкиот совет Уве Хук. Волфганг Порше патем е член и на Управниот одбор на „Фолксваген“, што укажува на тесните семејни врски во раководствата на двата авто-концерна. Конечните одлуки околу спојувањето на „Порше“ и „Фолксваген“ се очекува да паднат на утрешната седница на президиумот, а подоцна и на надзорниот одбор на Фолксваген во Штутгарт.

Автор: Луц Хајзер / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM