1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мeханизмот е дијалогот

Комесарот за човекови права на СЕ најави продолжување на дијалогот со грчките и бугарските власти во однос на почитувањето на правата на македонското малцинство и спроведувањето на пресудите на Судот за човекови права.

default

Томас Хамарберг

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг, коментирајќи ги заклучоците од неговиот годишен извештај за 2009, нагласи дека некои од нив ќе предизвикаат противречности и дека иритираат, но во областа на човековите права не се работи чесно, ако не се каже вистината.

Во серијата на парламентарни прашања, македонскиот парламентарец Александар Николовски се интересираше за начинот на спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, во однос на правото на слободно здружување на припадниците на националните малцинства. „За жал овие пресуди не се секогаш почитувани, тука мислам на македонското малцинство во Бугарија и Грција. Што правите за да се почитуваат пресудите на Судот?“

Хамарберг на ова одговори дека сите одлуки на Европскиот суд за човекови права треба да бидат почитувани, за што е предвидена специјална процедура во дирекцијата за човекови права со редовна контрола од Комитетот на министрите. Тука Комесарот за човекови права потсети дека една од процедурите е затворена, мислејќи на предметот ОМО Илинден-Пирин, нагласувајќи дека во моментов се водат други процедури и дека уште неколку предмети се наоѓаат пред Судот во Стразбур. „Ние започнавме дијалог со бугарските власти во однос на ова прашање, но во моментов не можам да кажам ништо повеќе.“

NO FLASH Plenarsaal des Europarats NO FLASH

Нема специјални процедури за спроведување на препораките

На ова се надоврза другиот македонски пратеник Андреј Жерновски, кој се интересираше за препораките на Комесарот и на Советот на Европа за систематски дијалог со малцинствата и посебно за дијалогот на властите од Бугарија и Грција со македонското малцинство во овие земји. „Дали постојат механизми за да се спроведе ова на дело, бидејќи за сега ништо не е направено?“ праша Жерновски.

„Механизмот е всушност самиот дијалог. Ние одиме во земјите, дискутираме со нив, составуваме извештај и потоа се надеваме дека тоа ќе доведе до други дискусии,“ подвлече Хамарберг и дополни: „Но, нема специјални процедури за спроведување на препораките. Единствената процедура со која ние располагаме е самиот Суд. Затоа јас се повикувам на неговите одлуки и јас ќе го продолжам дијалогот со владите.“ Дијалогот според Томас Хамарберг продолжува со Грција и со Бугарија исто како и со другите земји. Изразувајќи надеж дека тоа ќе дозволи да се постигне напредок за да се заштитат целосно човековите права во овие земји.

Комесарот за човекови права пред парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа, меѓу другото се задржа и на неспособноста на ЕУ да ја координира нејзината имиграциона и политиката за азили, како и за заштитата на децата од малцинските заедници.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска