1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

М. Шумахер му се доближува на Алонзо

Асот на „Ферари“ победи во Хокенхајм. Предноста на водечкиот во светското првенство Алонзо сега изнесува (не-)достижни 11 бодови

Победничката тројка од Хокенхајм

Победничката тројка од Хокенхајм

Седумкратниот светски првак во автомобилизам формула 1 Михаел Шумахер ја забележа третата последовна победа и ја намали разликата во бодови во однос на водечкиот во годинешното првенство и бранител на титулата од минатогодишното Фернандо Алонзо. На Големата награда на Германија на патеката во Хокенхајм тимот на „Ферари“ забележа двојна победа – зад Михаел Шумахер се најде Педро де ла Роса. Трет беше Кими Рајконен од тимот на „Мекларен Мерцедес“, кој инаку појде од челната позиција, а водството го загуби кога поради проблеми подолго се задржа при едно влегување во боксот. Алонзо, возач на „Рено“, беше петти и сега неговата предност во генералниот пласман во однос на конкурентот Михаел Шумахер изнесува 11 бодови.

Од наредната година во Германија ќе нема две трки од формула еден, туку веројатно ќе се вози наизменично на Хокенхајмринг и на Нирбургринг. Ова го потврди шефот на формула 1, 75-годишниот Берни Еклстоун, образложувајќи дека има многу барања од други земји за организирање трки, така што веќе не ќе може два пати годишно да се вози во Германија. Календарот за 2007-ма година ќе биде усвоен во октомври.

Пропадна посакуваниот компромис во однос на регулативата за моторите, така што тимовите ќе мораат од 2008-ма година најмалку три години да ги користат моторите што ги пријавија во Светската автомобилска федерација (ФИА) до 1-ви јуни годинава. Врз нив не ќе смее да биде вршен натамошен развој.

Од формула еден и веста дека 57-годишниот Флавио Бриаторе најверојатно ќе остане шеф на тимот на „Рено“ со оглед на фактот дека и „Рено“ ќе остане во формула еден до 2012-та година. Инаку, беше најавено дека во Хокенхајм Бриаторе ќе го соопшти решението што го донесол околу неговата иднина во автомобилскиот спорт.

Второ „злато“ за Маурер

На крајот на ЕП во пливање на долги патеки, што се одржа во Унгарија, Германката Ангела Маурер го освои вториот златен медал. Таа победи на патеката од 25 километри. Во финишот Маурер беше побрза од Русинката Наталија Панкина. Бронзениот медал и’ припадна на Штефани Милер, исто така од Германија. Пред само три дена Маурер беше најдобра и на 10 километри, што во иднина ќе биде олимписка дисциплина. „Мислам дека ќе ми бидат потребни неколку денови за воопшто да сфатам. Моја цел беше овде да се борам за медали, но навистина воопшто не сметав на две титули“ – рече 31-годишната шампионка од Визбаден.

Кристијан Барч, шеф на германскиот тим во пливање на долги патеки, за успешниот настап – вкупно беа освоени 4 златни, еден сребрен и два бронзени медали - рече: „Ни при најдобра волја не можеше да се очекуваат четири титули европски првак, четири победи од вкупно шест дисциплини“.

Фудбалски актуелности

До стартот на новото првенство во фудбалската Бундеслига преостануваат две недели. Екипите се во фаза на подготовка и играат пријателски или натпревари од Лига-купот. Борусија Дортмунд го победи холандскиот тим Ајакс од Амстердам со 2 спрема 1, Вердер загуби од францускиот прволигаш Жиронден Бордо со 1 спрема 0 – тоа е трет последовен пораз на тимот од Бремен во последните три средби. Штутгарт со 1 спрема 0 го совлада грчкиот првак и победник на Купот Олимпијакос од Пиреја. Борусија Менхенгладбах, предводена од новиот тренер Јуп Хајнкес, одигра нерешено 1 спрема 1 со турскиот првак Галатасарај. Нирнберг постигна пет а не прими ниеден гол во дуелот со израелскиот прволигаш Макаби Нетанија. Кајзерслаутерн, кој испадна од Бундеслигата, постигна забележителен успех со победата над англискиот тим Ливерпул со 2 спрема 1.

Бразилецот Марселињо ја напушта Херта Берлин и според весникот „Тагесцајтунг“ потпишал тригодишен договор со турската прволигашка екипа Трабзонспор. Херта добила вкупно 2 ипол, а 31-годишниот Марселињо по 1.6 милиони евра годишно.

Доскорешниот бразилски репрезентативец Роберто Карлос ќе го напушти славниот Реал Мадрид и на три години ќе се пресели во турскиот клуб Фенербахче од Истанбул. 33-годишниот Карлос, кој по 128 настапи се откажа од репрезентацјата по последното светско првенство, во Реал помина 8 години. Трансферот на Реал наводно ќе му донесе 5 милиони евра.

Поради смртни закани од сунитски екстремисти тренерот на ирачката фудбалска репрезентација Акрам Ахмед Салман се повлече од функцијата. Оставка поднесе и неговиот помошник, исто така поради смртни закани, но од шиитски екстремисти.