1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мјанмар: започна испораката на помош од ОН

Властите на Мјанмар и натаму се пречка за поголема меѓународна помош за погодените од циклонот „Наргис“. Меѓународната заедница притиска за дозволување неограничен влез за хуманитарците. Можеби и 100 илјади жртви?

default

Помош од Џакарта за настраданите

Во Мјанмар, земјата погодена од големата катастрофа што ја предизвика циклонот „Наргис“, изутрината слета првиот авион со помош испратена од ОН. За денеска се предвидени уште три натамошни летови со хуманитарна помош од светската организација.

Меѓународната заедница и хуманитарните организации ја ставаат под притисок воената хунта во Мјанмар да ги отвори границите за да може помош од странство во поголем обем да стигне до погоденото население. Од ОН се жалаaт дека многумина соработници и натаму чекаат на виза од властите на земјата. Со испорака на хуманитарна помош започнаа и повеќе азиски држави.


Германија подготвена да упати натамошна помош


Германската влада е „многу загрижена со оглед на се’ поголемите размери на катастрофата“ изјави министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер во Берлин. Тој ја искажа подготвеноста на натамошна помош од германска страна и уште еднаш апелира до властите на Мјанмар да им овозможат непречен пристап во земјата на сите хуманитарци.

Нејасно е колкав е бројот на жртвите од катастрофата, но сигурно е дека ќе биде повеќекратно повисок од досега официјално наведените 23 илјади. Претставник на армијата на Мјанмар рече дека само во еден округ мора да се смета на 80 илјади мртви. Претставници на ОН и американски дипломати велат дека има индиции оти би можело да има и преку 100 илјади настрадани. Според структурата на населението во најтешко погодените делови, се проценува дека 40 насто од загинатите и исчезнатите се помлади од 18 години.