1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Му се заканува ли етнички раскол на Либан?

Либан би можел да стане ново жариште на тензиите меѓу Саудиска Арабија и Иран, сметаат стручњаците. Конфликтот меѓу сунитите и шиитите на тој начин се шири на целиот регион.

Изненадувачката оставка на либанскиот премиер Саад Харири не беше причина за загриженост само кај политичкиот естаблишмент во земјата, туку го потпали и онака и натаму ескалирачкиот конфликт меѓу Саудиска Арабија и Иран.

Харири, инаку сунит,  во минатиот викенд од Саудиска Арабија објави дека ќе поднесе оставка. Во образложението тој истакна дека Иран има речиси целосна контрола врз неговата земја и дека под овие околности тој веќе не се чувствува безбедно. Влијателни политичари во Ријад, ја обвинија шиитската милиција Хезболах - поддржана од Иран - оти сака да го дестабилизира Либан. Тамер Ал Шабан, министерот за регионот на Персискиот Залив, го обвини Хезболах дека е „вмешан во агресија"  која е еднаква на „објава на војна на Саудиска Арабија."

Хезболах пак наспроти тоа го обвини Ријад дека се меша во внатрешните работи на Либан и оти „оставката на Харири била одлука на Саудиска Арабија која му била наметната на премиерот".  Шпекулациите дека Харири бил уапсен во Саудиска Арабија не се потврдени. Контрадикторните информации за Харири можат да бидат знак дека конфликтот меѓу Саудиска Арабија и Иран сѐ повеќе се шири на Блискиот Исток, така што по Јемен и Сирија конфликтот може да се прошири и во Либан.

Рамнотежата на моќ под знак прашалник

Политичкиот систем во Либан е осмислен така што гарантира стабилност низ еднаква распределба на моќ меѓу важните верски групи во земјата. Претседателот е секогаш маронитски христијанин, премиерот е сунит, а претседателот на парламентот е шиит. Тоа е предвидено со договорот постигнат во 1943 година со кој е ветена независност на Либан од Франција. Овој систем од 1990 година функционираше речиси без проблеми. Претходно различните групи, над 15 години, се бореа во граѓанска војна. Меѓутоа, до крвави конфликти дојде и по 2000 година.

Таткото на актуелниот премиер  Саад Харири, Рафик Харири, 10 години беше премиер и беше убиен во 2005 година во бомбашки напад. По долготраен судски процес, трибуналот на ОН осуди 4 припадници на милитантната група Хезболах која пак негираше каква било вина.

Во Јемен, на другиот крај од регионот, Саудиска Арабија досега немаше значаен успех со своите воени интервенции против бунтовниците Хути- кои ги поддржува Иран. Бунтовниците кои Саудијците ги поддржуваат во борбата против владата на Башар ал-Асад во Сирија, исто така, доживеаја пораз.

Језид Сајиг од Карнеги центарот во Бејрут смета дека саудискиот обид за влијание во Либан, исто така, би можел да доживее неуспех. Сајиг за ДВ изјави оти Саудиска Арабија „на крајот во Либан би можела да предизвика криза која би била спротивна на нејзините посакувани цели“. Пред сѐ поради тоа што Иран веднаш реагира ако се загрозени неговите интереси.

Промена на надворешната политика на Ријад

„Саудијците во својата надворешна политика секогаш биле воздржани. Се обидуваа да направат сојузи, да употребат благи средства без воена сила“, вели Сајиг. „Во последните неколку години Саудиска Арабија ја промени тактиката. Сѐ повеќе врши економски и воен притисок и е внимателна во надворешната политика. Меѓутоа, проблемот е во тоа што на власт е некој кој има многу малку искуство и кој е безобѕирен, што понекогаш и не е толку лошо. Меѓутоа, овој пат оваа безобѕирност веќе предизвика војна во Јемен. Последиците од тоа долгорочно ќе ги чувствува токму Саудиска Арабија“, вели Сајиг.

Libanon Beirut Sheik Hassan Nasrallah (picture-alliance/AP Photo/H. Ammar)

Шеик Хасан Хансрала, водачот на Хезболах

Доколу кризата во Либан се претвори во насилство, ОН и Израел би можеле да бидат вовлечени во судири на Блискиот Исток. Израелските, саудиските и американските владини претставници го гледаат Иран како најголем фактор кој на државно ниво поддржува тероризам во регионот.

Саудиска Арабија вложува големи напори на Иран да се гледа како на главен извор на конфликтите во регионот, особено откако американскиот претседател Доналд Трамп јасно се позиционираше против Иран. САД го означија Хезболах како „терористичка група“. За Израел, кој на север ја дели границата со Либан, сѐ поголемото влијание на Хезболах би можело да претставува опасност. Наредните месеци би можеле да бидат решавачки за ситуацијата на Блискиот Исток, вели Сајиг и додава: „Особено ако Вашинтон реши да ги заостри санкциите против Иран“.

 

DW.COM