1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мушараф се предаде

Само еден ден по спектакуларното бегство, поранешниот пакистански претседател Первез Мушараф доброволно се предал на судот во Исламабад, соопшти неговиот адвокат. Мушараф е во куќен притвор.

По кусото сослушување во судот, Первез Мушараф добил дозвола да се врати во својата резиденција. Вчера, судот донесе одлука за апсење на Мушараф, но тој побегна од судската сала со помош на своите телохранители.

Против поранешниот претседател се водат три судски процеси - за нападот врз екс-премиерката Беназир Буто, убиство на племенски водач од Балучистан во текот на една операција на армијата и давање домашен притвор за судија во текот на мандатот на Мушараф. Покрај трите судски процеси кои се во тек, Мушараф е обвинет и за предавство на земјата.

Первез Мушараф во март се врати од четиригодишен егзил, во кој замина доброволно, со намера да се кандидира на парламентарните избори на 11 мај. Судот во Пешавар пред три дена го исклучи Мушараф од изборната трка, поради судските процеси кои се во тек. Неговата партија АПМЛ најави дека поради тоа Мушараф ќе поднесе тужба пред Уставниот суд.