1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мушараф обвинет за убиството на Буто

Поранешниот пакистански претседател и врховен командант на армијата Первез Мушараф денеска (20.08) е и официјално обвинет за вмешаност во убиството на лидерката на опозицијата Беназир Буто во декември 2007 година.

Пакистанскиот обвинител Чодри Азхар соопшти дека Первез Мушараф „е обвинет за убиство, криминален заговор за убиство и помагање во убиство“. Мушараф, од своја страна, на денешното рочиште во судот во Равалпинди се изјасни за невин. Продолжението на судскиот процес е закажано за 27 август.

Поранешната пакистанска премиерка Беназир Буто беше убиена за време на еден предизборен собир во декември 2007 година. Во самоубиствениот атентат и престрелките што потоа следеа, загинаа уште 16 лица. Буто, која тогаш беше лидер на опозицијата во земјата, му беше најголем ривал на Мушараф.

Pakistan Benazir Bhutto Mord Selbstmordattentat

Беназир Бут беше убиена на предизборен собир во 2007 година

Первез Мушараф дојде на власт во Пакистан со пуч во 1999 година. По убиството на Буто, во 2008-та година, тој беше принуден да поднесе оставка поради постапка за одземање на функцијата којашто му се закануваше. Помина четири години во егзил во Лондон и Дубаи. Во март 2013 година се врати во татковината за да учествува на парламентарните избори во мај. Судот не му даде дозвола да се кандидира. Первез Мушараф во моментов живее во својата вила на маргините на Исламабад, во домашен притвор. Тој смее да го напушта објектот само кога има судски термин во соседен Равалпинди.

Смртна казна или доживотен затвор?

Наместо посакуваниот политички камбек, Мушараф е соочен со смртна казна или доживотен затвор, доколку биде прогласен за виновен по обвиненијата за убиство на Буто. Одбраната на поранешниот претседател тврди дека тој е невин. „Во случајот нема докази. Како може за убиство во земјата да биде обвинет еден претседател?“, праша адвокатот на Мушараф, Ахмед Реза Касури.

Според повеќето правни експерти, обвинението е на „кршливи нозе“, односно квалитетот на докази не е доволен за осуда. Фавад Чодри, еден од најпознатите адвокати во Пакистан кој порано беше приврзаник на Мушараф, оцени дека „сето ќе падне како куќа од карти“.

На Мушараф не му се даваат практично никакви шанси во намерата да се врати на власт. „Неговата сила е потрошена“, оценува Зафарулах Кан, раководител на политички институт во Исламабад.