1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Муслиманите во Германија бараат исламски празници

На Велигден во Германија продавниците и канцелариите се затворени - празник! Она што е нормално за христијанските празници, сега го бараат и муслиманите - тие сакаат два слободни дена за најважните исламски празници.

60 проценти од сите Германци се христијани. Затоа во земјата постојат девет верски празнични денови со христијанска заднина, во некои покраини дури и до четири дополнителни денови. На овие денови не се работи.

Но, во Германија не постои официјално муслимански празник. Околу 5 проценти од германските жители се изјаснуваат како муслимани. Тоа е нерамноправност, смета претседателот на Централниот совет на муслиманите, Ајман Мазиек:

„Муслиманите веќе претставуваат значајна бројка, зошто не би постоел и интеррелигиозен календар“, прашува тој во разговор за новинската агенција ДПА.

Барање за два официјални празника

За овој интеррелигиозен календар Мазиек предлага два муслимански празника: еден за време на исламскиот месец на постот Рамазан и еден за најважниот муслимански ден во годината, Празникот на жртвувањето.

.

Ајман Мазиек

„Овде не се работи воопшто за воведување дополнителен слободен ден за сите, но ако овие два дена се воведат официјално како празници на целата територија, тоа би бил убав знак на толеранција и интеграција“.

Предлогот на Мазиек, согласно очекувањата, предизвика различни реакции во земјата.

Социјалдемократите во основа го поздравија, но министерот за социјала од Северна Рајна Вестфалија, Гунтрам Шнајдер во ВАЦ оцени дека е „неможно да се финансира“. Католичкиот надбискуп Ханс-Јохен Јашке од Хамбург смета дека и муслиманските празници заслужуваат законска поддршка, но истовремено со задршката:

„Тие немаат јавен карактер како празниците со христијанска традиција“.

ЦДУ: Заштита на постојните празници

Пратеникот во Бундестагот од владејачката Христијанско-демократска унија Патрик Зенсбург во интервју за Дојче веле јасно кажува-самата бројка од 4 милиони муслимани во Германија не е аргумент:

Patrick Sensburg

Патрик Зенсбург

„Дали сакаме да го сметаме бројот на муслимански сограѓани и според него да ги делиме празниците? Тоа би било општество кое би водело кон произволност и пропорционалност“.

Секој би можел слободно  да одлучува кои празници сака да ги слави.

„Така би отвориле дискусија во која би расправале за квоти, која религија кои празници ќе ги добие“, вели Зенсбург. На ваков начин, и Евреите, Индусите и атеистите би барале празници за себе.

За Зенсбург многу поважна е подобрата заштита на постојните празници во Германија:

„Во земјава немаме никаква исламска традиција, тоа не може да се оспорува. Постојните празници меѓутоа имаат долга традиција. Таа не може да се порекнува преку изедначување“.

Дебатата за воведување дополнителни празници може да ја загрози традицијата:

„Така некогаш би славеле празници без верска основа, но би си ги украле нашите корени“, гласи сценариото на пратеникот.

Deutschland vor Ramadan Sehitlik-Moschee in Berlin

Рамазан во џамија во Берлин

Бремен и Хамбург како предводници

Ајман Мазиек изнесува конкретни предлози. Христијаните и муслиманите би можеле на своите празници меѓусебно да се заменуваат на работните места, како што на пример сега на Велигден муслиманите полицајци би работеле наместо нивните колеги-христијани кои слават. Истото може да се примени на исламските празници, ако бидат воведени како официјални во календарот.

„Тоа би било од помош за работодавачот, зашто би знаел дека на одреден ден муслиманите треба да бидат ослободени од работа“, вели Мазиек.

Засега е малку веројатно да бидат воведени муслимански празници на територијата на целата земја. Сепак, муслиманите поддршка добиваат од покраините. Така најмалата, Бремен, на пример во јануари 2013 постигна договор со муслиманските здруженија со кој на работниците им се овозможува земање слободен неплатен ден на три најважни исламски празници во годината.  Сличен договор во меѓувреме е постигнат и во Хамбург.