1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мурси предизвика скандал

Со својата остра критика на сметка на Сирија, египетскиот претседател Мохамед Мурси предизвика скандал на конференцијата на неврзаните земји, што се оддржува во Иран.

Египетскиот претседател Мохамед Мурси денеска (30.08) во Техеран рече дека репресивниот режим во Дамаск го загубил легитимитетот. Тој со ваквата своја изјава го компромитираше и домаќинот на конференцијата на неврзаните - Иран, кој е близок сојузник на Сирија. За време на говорот на Мурси сириската делегација ја напушти салата.

„Треба да им изразиме поддршка на оние кои во Сирија бараат слобода и праведност“, рече Мурси, според кого светот има морална обврска да застане на страна на сирискиот народ во борбата „против еден репресивен режим кој загуби легитимитет“. Сирискиот народ си посакува слобода, праведност и рамноправност, нагласи египетскиот претседател, кој ја повика сириската опозиција да биде единствена.

Сириската делегација во Техеран регираше со огорченост. Египетскиот претседател со својот говор ја повреди традицијата на нашиот самит, изјави раководителот на делегацијата, шефот на сириската дипломатија Малид Моалем. Тој рече дека Мурси се меша во внатрешните работи на Сирија. Инаку, ова е прва посета на еден египетски рпетседател на Иран по три децении. Техеран ги прекина дипломатските односи со Каиро во 1979 година поради египетскиот мировен договор со Израел. На конференцијата во Техеран Мурси треба на Иран да му го предаде ротирачкото претседателство со Движењето на неврзаните.

Бан го критикува Иран

Иранското раководство соопшти дека конференцијата на Движењето на неврзаните покажува оти Западот не може да го изолира Иран поради неговата атомска програма. Сепак, најпознатиот учесник на конференцијата, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, изрази јасни критики на сметка на домаќинот. Бан рече дека е загрижен поради состојбата со човековите права во Иран и нагласи дека иранските изјави за Израел се неприфатливи.