1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мурси одбива оставка, на потег е армијата

Денеска истекува ултиматумот на египетската армија за претседателот Мохамед Мурси. Тој меѓутоа ја исклучува можноста за оставка. Опозицијата зборува за „објава на војна“. При демонстрациите имаше повторно жртви.

Расте опасноста од ескалација на борбата за превласт меѓу египетскиот претседател Мохамед Мурси и армијата. Исламистичкиот претседател во обраќањето преку телевизијата одби оставка. Во говорот тој истакна дека е избран за претседател на државата од народот на слободни избори. Легитимитетото на неговата функција е единствената гаранција да се сопре крвопролевање. „Јас сум претседателот на Египет, кој ги репрезентира сите Египќани“, изјави тој. Истовремено Мурси призна дека биле направени грешки и најави дека ќе ги коригира. Тој најави редица на мерки, за да постигне спогодба со неговите противници, меѓу нив и реконструкција на владата.

Претходно Мурси ја повика армијата да го повлече 48 часовниот ултиматум, што истекува денеска (03.07.) напладне. Врховната команда на силите за безбедност меѓутоа реагираше воздржано на тоа и утрово соопшти дека војниците биле подготвени да загинат за египетскиот народ. Раководството на армијата на Мурси и на неговите противници им даде време до пладне да склучат компромис. Во поинаков случај, армијата има намера да приложи сопствен план за иднината на Египет.

Regierungsgegner Proteste in Ägypten während Mursi Rede

Протестите продолжуваат

„Изчезни!“

Опозиционото движење Тамарод, кое според сопствени наводи собрало 22 милиони потписи против претседателот Мурси, говорот на Мурси го оцени како „повик за граѓанска војна“. Исто така и насобраните демонстранти на плоштадот Таксим во Каиро реагираа гневно и извикуваа „Исчезни! Не те сакаме.“ Протестното движење го критикува Мурси пред се' поради неговиот авторитарен стил на владеење, исламизација на земјата и поради драматично влошената економска положба. Приврзаниците на Мурси судирот во прва линија го гледаат како идеолошка борба за превласт за или против исламот.

Армијата веќе имала планови за случај Мурси да не сака да го смени својот став. Новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на информации од воени кругови, пренесува дека армијата сакала уставот да го стави вон сила и да го распушти парламентот каде доминираат исламистите. Додека да биде подготвен нов устав, би требало да функционира преоден совет составен претежно од цивили, претставници на политичките групи и експерти. Уставот би требало да биде сменет во рок од неколку месеци. Потоа би требало да биде избран нов претседател. Нови парламентарни избори би требало да се одржат дури тогаш, кога ќе имало стриктни правила за избор на кандидатите.

Крвава ноќ

Конфликтот меѓу двата спротивставени табори во меѓувреме станува се' покрвав. При судирите во текот на измината ноќ беа убиени голем број луѓе, според последните медиумски информации станува збор за 22 жртви. Големите демонстрации на преврзаниците на Мурси во предградието на Каиро, Назр сити и неговите противници на плоштадот Тахрир во голема мерка минаа мирно.