1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мурси не попушта

Египетскиот претседател Мурси со својот говор ја разочара опозицијата. По употребата на сила против демонстрантите пред претседателската палата неговиот предлог за многумина е неприфатлив. Одговорот ќе следи на улиците.

Стотици илјади Египѓани демонстрираат повеќе од една недела против новиот устав и против проширувањето на власта на претседателот Мурси. Конечно, во доцните часови синоќа (06.12) и тој се јави за збор. Но, она што го кажа е далеку под очекувањата на демонстрантите. Кратко по неговиот говор луѓето пред претседателската палата повторно скандираа „Замини си“, а чести беа и повиците„Убијци, убијци“.

Зашто, бруталниот напад врз мирните демонстранти во средата со седуммина загинати Мурси го оправда со „заговор“ скован од странски сили и делови на политичката опозиција. Тоа е аргумент неброен број пати употребен од Мубарак и Воениот совет за правдање на сопственото насилство. Бројни очевидци, видео материјал и други индиции не оставаат сомнеж во тоа дека нападите ги започнаа Муслиманските браќа. Дури потоа следеше ескалацијата и напади од двете страни.

Покана за дијалог

Мурси ги предупреди демонстрантите дека и мирниот протест е дозволен само ако не и‘ штети на економијата, не го спречува сообраќајот и не го загрозува приватниот имот. Претседателот најави остар одговор против прекршителите. За демонстрантот Карим Ел-Бехаири затоа е јасно:

Ägypten Militär sichert den Präsidentenpalast in Kairo

Армијата ја обезбедува Претседателската палата во Каиро

„Мора да го прекинеме негово претседателствување. Ако не го собориме режимот, ќе настрадаме сите. Тој сака да го претвори Египет во нов Иран“.

Во својот говор Мурси ги покани сите политички партии на дијалог утре напладне во претседателската палата. Но, тој не се откажува од референдумот за уставот и не сака да го повлече декретот со кој си ја прошири власта. Подготвен е да разговара само за еден дел од декретот, оној кој му дозволува без консултации „да посегне по сите можни мерки заради заштита на револуцијата, единството и националната безбедност“.

Опозицијата меѓутоа последните денови одбива дијалог со Мурси ако декретот не биде повлечен во целост. А за Карим Ел-Бехеири по употребата на сила во средата (05.12), ниту поголеми отстапки на Мурси не се доволни:

„Пред да се случи тоа, можевме и да се договориме, но сега веќе не. Мурси нема право и не постои причина зошто да остане на власт“.

Инаку, со понудата за дијалог Мурси игра пред се‘ на време. Aко состојбата натамошно ескалира, во прашање ќе биде доведен и референдумот за уставот. За денеска повеќе партии повикаа на масовни протести, а расте незадоволството и кај блиските соработници на Мурси. Повеќемина негови советници веќе поднесоа оставки.