1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мурси, моќта и војската

Претседателот на Египет со изненадувачки потег ги разреши двајцата највисоки воени функционери во земјата. Оваа одлука не мора по секоја цена да доведе до „тест на моќта“ меѓу него и армијата.

Само малкумина веруваа дека може да го стори тоа. Изненадувачки новиот египетски претседател Мохамед Мурси ги разреши од сите функции министерот за одбрана Хусеин Тантави и началникот на генералштабот Сами Анан, односно двајцата највисоки претставници на армијата во земјата. Повод за ваквиот чекор беше терористичкиот напад кој осомничени исламисти го извршија врз египетските граничари во северниот дел на Синајскиот полуостров. На египетско-израелската граница притоа беа убиени 16 припадници на безбедносните сили. Нападот предизвика шок во Египет. Во првичната реакција на нападот, Мурси ги разреши од функциите шефот на разузнувачката служба и гувернерот на Северен Синај. Сега тој се осмели да ги отпушти и највисоките воени лица.

Конкурентска битка меѓу војската и Муслиманското братство

Овој чекор Мурси можел да го усогласи со други воени кругови во земјата, претпоставува Гинтер Мајер, директор на „Центарот за истражување на арапскиот свет“ од Мајнц. „Војската, а пред се’ министерот за одбрана и врховен командант на египетската армија Хусеин Тантави важат за пријателски настроени кон Израел и САД. А, тоа во моментов во Египет е апсолутно непопуларно“. Дотолку повеќе Мурси можеше да биде сигурен дека разрешувањата ќе наидат на поддршка и во воените кругови. „Во Египет дури изненадувачки се вели дека Врховниот воен совет дал согласност за ваквиот чекор“.

Ägypten Hussein Tantawi und Mohammed Mursi

Хусеин Тантави и Мохамед Мурси

Политикологот Хасан Нафа, кој предава на универзитетот во Каиро, разрешувањето на двете водечки воени лица не го означува како конкуренција меѓу различните институции во државата, туку многу повеќе како борба за моќ меѓу Веониот совет и Муслиманското братство како политичка партија. И натаму тие се судираат како политички конкуренти. Египет се’ уште се наоѓа во преодна фаза и многу Египќани стравуваат дека Муслиманското братство може да стекне контрола над власта: „Прашањето сега е дали Мурси неговата власт и овластувања ќе ги користи за доброто на Египет или на Муслиманските браќа“.

Загуба на моќта на војската

Во секој случај, вели Гинтер Мајер, изгледа дека развојот на настаните во последниве денови не е во полза на војската, бидејќи Мурси поврати и некои овластувања, кои Врховниот воен совет на крајот на јуни си ги обезбеди преку декрет. Сега истотака највисокото воено лице не е повеќе и Врховен командант на воените сили.

„Најновите случувања не значат само загуби на моќта на војската со тоа што највлијателниот ривал на претседателот е разрешен, туку и јакнење на позицијата на Мурси, кој со декрет си ги поврати поранешните овластувања на шефот на државата. Дали тоа ќе биде прифатено од Уставниот суд треба да се сочека“, истакнува Мајер.

Kairo Präsident Mursi

Воениот врв на Египет со претседателот Мурси

Вака на настаните во Египет гледа и Нафа. На политичкото владеење на војската му доаѓа крајот. За првпат моќта лежи во рацете на еден демократски избран претседател. Додуша не е исклучено дека противниците на Мурси ќе се обидат да апелираат до Уставниот суд во надеж дека ќе ги прогласи овие одлуки на Мурси за неуставни. Но Нафа се сомнева дека ќе дојде до тоа. „Зашто војската во меѓувреме сфати дека моќта е во рацете на избраниот претседател“.

Предупредување од нова диктатура

Тоа веројатно се должи на фактот дека војската со своето невешто постапување ги загуби симпатиите кај големи делови од населението, објаснува Гинтер Мајер. Мурси го препозна тоа, но и шансата која му се нуди. Сега тој се обидува самиот себе си да се презентира како моќниот човек на чело на Египет. Но, клучно е дали Мурси неговите овластувања соодветно и ќе ги користи. Проблемот е во тоа дека тој ги обединува како легислативните, така и егзекутивните надлежности, објаснува Нафа: „Сега мора да се внимава на тоа политичката моќ да не се преобрати во диктатура“.

Пресвртот во Египет достигна нов степен. Уличната борба е заменета со поинаква, дискретна борба. Таа сега не се води повеќе со отворено насилство, туку со моќта на зборовите и законите.