1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мурси ги мобилизира приврзениците

По повеќедневните протести против Мохамед Мурси, на улица сега засилено излегуваат и поддржувачите на египетскиот претседател. Но, опозицијата не го напушта плоштадот Тахрир, арената на револуцијата.

Во Каиро денеска (01.12) излегоа на улиците илјадници приврзеници на египетскиот претседател Мохамед Мурси во знак на поддршка на одлуката на шефот на државата да си даде поголеми овластувања. Протестите се одржуваат пред Универзитетот во Каиро. Мурси, кој доаѓа од редот на исламистичкото движење Муслимански браќа, минатата недела преку повеќе декрети се стави над судството и со тоа си обезбеди практично неограничена власт. Неговите поддржувачи делумно допатуваа од цела земја на протести во Каиро.

Но, и противниците на Мусри повторно демонстрираат на централниот плоштад Тахрир. Таму пред две години започна соборувањето на тогашниот египетски претседател Хосни Мубарак. Првично исламистите планираа да демонстрираат поддршка на Мурси на плоштадот Тахрир, но за да се избегнат меѓусебни судири со контрадемонстрантите, ги преместија своите собири пред Универзитетот, на другата страна на реката Нил.

Со ова во Египет се продлабочува јазот меѓу приврзениците и противниците на претседателот, кои обвинуваат за „државен преврат против демократијата“.

Набрзина одобрениот предлог устав од страна на уставната комисија денеска ќе му биде предаден на претседателот Мурси и ќе биде ставен на референдум за најдоцна две недели.

Претходно, висок помошник на Мурси, незадоволен од декретот за проширување на овластувањата на претседателот, се приклучи кон најголемото опозициско движење Фронт за национален спас, кое е главен организатор на протестите што го зафатија Египет.

Шамир Моркос му беше советник на Мурси одговорен за транзициски прашања и единствениот христијанин во тимот на исламистичкиот претседател. Тој е еден од двајцата претседателски советници кои се повлекоа откако Мурси го издаде указот на 22 ноември.

Новиот устав е спорен исто колу и претседателот самиот, а беше составен речиси исклучиво од исламистите и салафистите, кои имаа мнозинство при неговото составување. Тој се базира на исламското право, шеријатот, „најважниот извор на законите“, како што тврдат исламистите. Опозицијата се противи на прераснувањето на Египет во „божја“ држава.