1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Мулти-култи маркетинг во Келн

Луѓе со мигрантско потекло често пати во Германија имаат проблем да најдат работа. Сосем поинаку е во агенцијата за односи со јавност од Келн, чиј сопственик е Томас Милер. Тој бара токму такви луѓе.

default

Вработените во агенцијата на Милер

Милер вработува 16 соработници со 11 различни културни корени.

„Од Турција, Грција, Холандија, од Португалија, Јапонија, Кореја, Кина, потоа од Индија, Украина, Узбекистан и Казахстан. Се разбира, и колеги од Германија“, набројува Милер и себе си се означува како внатрегермански мигрант, оти е доселен од швапската област.

Претпријатието „ПР (пи-ар) - советници“ го основа во 2004 година во Келн и од самиот почеток анагжира соработници кои подеднакво припаѓаат на две култури. Мултикулти е дел од неговата бизнис-идеја, оти тој агитира пред се’ за два вида клиенти: за оние кои не потекнуваат од Германија, но сакаат да се обратат до Германци како целна група, и за германски клиенти кои се обраќаат кон целна група со негермански корени. За еден таков проект се грижи Гонца Мучук-Едис.

„Актуелно работам за сојузниот проект Премија за образование, кој во принцип треба да поддржува мерки за дополнително образование. Една од фокусираните целни групи се мигрантите. Тука јас доаѓам сосем директно и конкретно во игра, посебно ако се во прашање медиуми на турски, но и на руски јазик“.

Gonca Mucuk-Edis und Jeroen van't Hoofd

Гонца Мучук-Едис и Жероен вант Хофт

Мучук-Едис е родена во покраината Хесен, а е ќерка на гастарбајтер од Турција, па ги познава не само јазичните, туку и културните особености на луѓето од турските медиуми. Таа испраќа честитки од својата фирма не само за Божик, туку и за муслиманскиот празник Курбан Бајрам, а за време на рамазанскиот пост кани на вечерен оброк турски и германски новинари. Таа е уверена дека областа во која дејствува е мала на пазарот, но константно расте.

„Ако навистина сакате да покриете широк спектар, тоа е неможно со комуникација со луѓе кои зборуваат само германски, односно за етничко германско население.Тоа едноставно не функционира, оти нема да опфатите еден многу голем дел од населението“.

Двојниот идентитет- двојна предност

Муцук-Едис седи во комплетно новоуредено биро. Се гледа дека работите одат добро.

Thomas Müller

Сопственикот на агенцијата Томас Милер

Пред неколку недели агенцијата се всели во една вила. Минатата година била досега најуспешна, иако никој не наведува бројки. Мултикулти не е само плус во бизнисот, туку и меѓусебниот однос со колегите е попријатен, веднаш се откриваат заеднички нешта или интереси, смета Јероен вант Хофт, по потекло Холанѓанец. И за сопственикот на агенцијата Томас Милер мултикулти не е само бизнис-модел, туку и уверување.

„Убаво ми е да гледам и многу сум горд на тоа, кога соработниците овде развиваат посилна лична самоувереност и сопствен идентитет. Кога ќе поминат шест месеци кај нас, тие многу посилно го истакнуваат својот двоен идентитет, своите двојни корени. Ним им причинува задоволство што нивната различност, која овде-онде во мнозинското општество можеби наидува и на одбивност, овде се смета за дополнителна вредност“, нагласува Томас Милер.

Автор: Кристијан Зипман/Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска