1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Музичко патување низ историјата

Спојот од јубилеи во Германија беше достојно одбележан на годинашниот фестивал „Бетовен“ со мамутскиот проект „Патот на демократијата“.

default

Логото на Бетовен фест

Не беше лесна задачата што си ја поставија Тилман Шлемпф, задолжен за уметничкиот дел на фестивалот „Бетовен“ и неговите колеги - маршот низ шеесетгодишната историја на Републиката да се поврзе со посета на инаку најчесто непристапните зданија, и сето тоа да влезе во дијалог со музиката од тоа време и со претставата за демократија.

„Заеднички го смисливме ова, оти знаевме дека претстои 60-годишниот јубилеј од првата седница на Парламентот. Освен тоа, во град како Бон има фантастични места за одржување концерти - на некои од нив отсекогаш сакавме да настапиме. Затоа рековме, ќе изработиме проект со четиринаесет поврзани концерти во еден ден.

Museum Alexander König in Bonn

Ренесансната фасада на Зоолошкиот музеј „Кениг“ во Бон

А шеесетте години од постоењето на Сојузна Република Германија содржат и шеесетгодишна музичка историја, која всушност е многу жива и сакавме првпат да биде изведена на вистинските места.“

На почетоците на демократијата

Почетокот беше во музејот „Кениг“, каде квинтетот Џон Голдсби свиреше за новата ера во германската историја. Интересно е што токму на ова место, во Зоолошкиот музеј, во 1949 година беа направени првите чекори кон создавање на демократски устав. Во повоеното време, во руините, „татковците на Уставот“ не можеа да бидат многу пребирливи при изборот на местото за собирот.
Идејата на проектот, меѓутоа, не се состоеше во тоа историските места да се облагородат со музиката од тоа време, туку да се создадат контрасти: „Што може да се направи на локација како пленарната сала на Бундестагот? Таму има само масивни дрвени маси и многу плиш на ѕидовите. Изгледа многу старомодно. Тогаш рековме - овие дрвени маси можат да послужат како прекрасен музички удирчки инструмент. И токму тоа и го направивме.“

Музичко раздвижување

На почесните маси во срцето на „Бонската република“ се чукаше, се гребеше, се тропаше. Ритмичко чукање на чинии, ѕвечкање на прибор за јадење, смеење, разговори, пцости - Дитер Шнебел сигурно не го компонирал делото „Селска сцена“ за во амбиентот на парламентот. Токму затоа тука звучеше и повпечатливо. „Да, тоа беше идејата. Сакавме на овие конзервативни згради да им ја вратиме музиката од нивно време. Конзервативни простории со продорна, откачена музика.“

Deutschland Bundestag Bonn Jubiläumssitzung Erster Bundestag

Зданието на поранешниот Бундестаг во Бон на свечената седница по повод 60 годишниот јубилеј


На познатиот пијанист Штефан Литвин му беше доделена деценијата 1959 до 69. Тој настапи на најубавото место - во палатата „Шаумбург“, резиденција на петмина германски канцелари, од Конрад Аденауер до Хелмут Шмит.

Делото на Лигети “Симфониска поема“ за 100 метрономи таму беше круна на програмата.

И конечно, 1989 година не е само годината во која падна Берлинскиот ѕид, туку и годината во која Танго Нуево пристигна во Германија - во извесна смисла и како симбол на слободата. Така „Бетовен Триото Бон“ во пленарната сала во Дојче Веле ја отсвири завршницата на патувањето низ шеесетте години германска демократија.

Автор: Анастасија Бутско/Трајче Тосев

Редактор: Симе Недевски