1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на Велика Британија

Американската рејтинг агенција „Мудис“ и‘ ја одзема на Велика Британија највисоката оценка за кредитоспособноста. Велика Британија од избувнувањето на финансиската криза во 2008 година е длабоко западната во долгови.

Агенцијата за оценување на кредитоспособноста на држави, компании и финансиски институции го намали кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство од максималната оценка ААА на Аа1. Како образложение Мудис ја наведе слабата конјуктура и растечкиот долг на државата.

Кредитниот рејтинг на Велика Британија е намален поради „замрените“ перспективи на растот на британската економија и „високиот и растечки товар на долгот“, се истакнува во соопштението од „Мудис“. Среднорочните очекувања за стопански раст во Велика Британија се неповолни, дополнува американската рејтинг агенција.

И другите две големи рејтинг агенции „Стандард и Пурс“ и „Фич“ веќе определено време прогнозираат негативни перспективи за третата по големина економија во Европската унија.

Раст на буџетскиот дефицит

Британскиот министер за финансии Џорџ Озборн посочи дека намалувањето на кредитниот рејтинг е „јавна опомена за проблемите со долгот, со кои се соочува земјата“.

Велика Британија од избувнувањето на финансиската криза во 2008 година е длабоко западната во долгови. Според меѓународните статистики, вкупниот државен долг на земјата изнесува 86 проценти од нејзиниот брутодомашен производ. Владата на премиерот Дејвид Камерон, која дојде на власт во 2010 година, се обиде да ги намали новите задолжувања на земјата преку масивни кратења на буџетските трошоци. Концептот досега меѓутоа не покажува резултати. Економските експерти сметат дека буџетскиот дефицит на Велика Британија, кој во претходната фискална година изнесуваше близу 7 проценти, дополнително ќе се зголеми во 2013 година.