1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Мсје Слаб“ и „Мадам Јака“ - што чкрипи меѓу Оланд и Меркел?

Без Франција и Германија во ЕУ не се движи речиси ништо. Но односот меѓу Берлин и Париз во моментов е на ниска точка. А, меѓу Меркел и Оланд се‘ можеше да биде поинаку.

Кога францускиот претседател деновиве дава оценки за односот со германската канцеларка, тој радо зборува за „пријателски тензии“. Поинаку речено - германско-француските односи во моментов не се најдобри. Констатацијата, точно една година по стапувањето на Оланд на должност, не е зачудувачка, а сепак се‘ можеше да биде и поинаку. По импулсивниот Никола Саркози, во Елисејската палата сега владее човек кој води слична прагматична и трезвена политика како германската канцеларка. Сепак, Оланд и Меркел досега не најдоа лична нота во односот, иако од почетокот на годинава се на „ти“ во комуникацијата.

Причини за ваквиот тежок однос има многу. Уште преидзборната кампања на Оланд беше под „лоша ѕвезда“ - Меркел отворено се заложи за реизбор на Саркози, што Оланд очигледно се‘ уште и‘ го нема простено, зашто социјалистот сега во предизборната борба пред парламентарните избори во Германија демонстративно се залага за кандидатот на социјалдемократите Пер Штајнбрик и за промена на владата во Берлин. Меѓутоа, многу поважен од овој тежок почеток во личните односи е развојот на односот на силите на двете држави. Франција е економски, а со тоа и политички, многу ослабната, додека германското влијание во Европа расте непрекинато.

За кризата во Европа многу француски социјалисти ја обвинуваат Германија со нејзиниот курс на штедење. И навистина - германската канцеларка постојано ги блокира политичките иницијативи на Оланд, сеедно дали се работи за прашањето на должничка унија во Европа или за нова улога на ЕЦБ.

50 Jahre Élysée-Vertrag

Меркел и Оланд се на „ти“, но немаат лична нота во меѓусебниот однос

Притисокот врз Оланд се зголемува

Едно е сигурно - Ангела Меркел во моментов не сака ниту некаква должничка унија ниту политичка ЕЦБ или краткорочни инвестициски програми. Таа е убедена дека најважниот партнер на Германија може повторно да застане на нозе само со помош на опсежни структурни реформи, реформи како Агендата 2010, што своевремено ја обелодени тогашниот германски канцелар Герхард Шредер. Меркел се надеваше, а и многу економски експтерти во Франција и Германија посакуваа прагматичниот социјалист Оланд, кој му припаѓа на десното крило на својата партија, да има храброст за ваква Херкулесова задача.

Канцеларката и нејзините министри се воздржуваат од јавна критика на француското раководство. И без тоа политичкиот простор за дејствување на францускиот претседател, кој инаку со Уставот има големи овластувања, е сведен на минимум. Една година по стапувањето на должност Франсоа Оланд има толку низок рејтинг како ниту еден друг претседател пред него. Французите го гледаат како неавторитетен колебливец, чија политика е нерешителна и контроверзна. Падот на авторитетот се отсликува и во медиумите, кои претседателот го нарекуваат „Мисје Слаб“, истовремено нагласувајќи ја неспорната лидерска улога на канцеларката во Европа. Со тоа се зголемува и притисокот, пред се‘ од редовите на партијата на Оланд, конечно да се видат резултати и да се издејствува промена на политиката во Франција и Европа.

50 Jahre Élysée-Vertrag

Без Германија и Франција во ЕУ не оди ништо - кога ќе настапи вистинско „затоплување“?

На повидок нема затоплување

Во фаза на затоплени односи, ваквите германско-француски спротивставености би можеле да се премостат, но во време на еврокриза конфликтите се одвиваат „на отворено“. Меѓу Канцлерамт (кабинетот на Меркел, н.з.) и Елисејската палата дури и на работно ниво не се одвива ништо, напиша неодамна „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Притоа, германско-француски компромис е централен предуслов за во Европа да се придвижи што и да е. Во метрополите на ЕУ е голем стравот од Франција која на долг рок не би можела да дејствува како што треба. Тоа го знааат и Меркел и Оланд, па на почетокот на годинава се договорија на партнерите во ЕУ до крајот на јуни да им претстават заеднички документ за натамошна интеграција на ЕУ. Тоа е всушност голема шанса, затоа што Ангела Меркел многу повеќе од своите претходници е склона кон единствени методи и се бори за Европа на силни национални држави, нешто што Франција го фаворизира отсекогаш. Сепак, заедничкиот документ, како што во меѓувреме може да се чуе, ќе биде прилично тенок. Може да се очекува застој во германско-француските односи најмалку до изборите за Бундестагот наесен.