1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Мрачниот сјај“ на Дејвид Линч

Филмскиот режисер Дејвид Линч се прослави со филмовите „Синиот сомот“ и „Изгубениот автопат“, но малкумина го познаваат како сликар и графичар. Еден музеј во Германија, посвети цела изложба на сликарскиот опус на Линч.

default

Режисерот Дејвид Линч присуствуваше на отворањето на изложбата во Брил

Уметничките дела на Дејвид Линч прикажани на изложбата „ Мрачен сјај“ во музејот „Макс Ернст“ во Брил, навистина се разновидни. Црно-бели фотографии на снешко, шарени прикази на пин-ап девојки, интригантни литографии на акти во компромитирачки пози, а сето тоа проследено со занимливи звучни инсталации.

Сликарството, всушност, кај него разбудило интересирање за филмот, а благодарејќи на тоа подоцна ги создаде култните филмови како „Изгубениот автопат“, „Синиот сомот“, „ Човекот слон“, како и серијата „Твин Пикс“.

Идеите се најважни

Музејот „Макс Ернст“ во Брил е прв германски музеј кој ги претставил уметничките дела на Линч. Зошто токму во музејот кој го носи името на прочуениот германски уметник Макс Ернст, за Дојче веле објаснува самиот Дејвид Линч:

„Макс Ернст беше надреалист, а ја го обожувам надреализмот, како и апсурдот. Но, вистинска причина зошто сум овде е всушност кустосот на музејот Вернер Шпис. Тој сакаше да направи изложба. И јас сум тука и претставува голема чест да се изложува тука.“

David Lynch - Dark Splendor - Flash-Galerie

Изложбата е составена од неколку различни целини- фотографии, слики, скулптури, литографии, звучни инсталации. Според Дејвид Линч, заедничка тема не постои, постојат идеи, а тие се најважни:

„Идеите се тие кои го инспирираат човекот да стане од кревет и да стори нешто. Јас секогаш велам дека идеите им говорат на луѓето што треба да прават. Ако се заљубите во идеја, тогаш таа идеја ќе ја интерпретирате во уметнички дела на ваков или онаков начин. Тоа е навистина неверојатно искуство за човечките суштества- да се фати идејата која ќе ве наведе да сторите нешто.“

Мрачно, но возбудливо

Дејвид Линч признава дека постои „мрачна страна“ во неговото творештво, но смета дека сепак постојат и многу други работи кои неговата работа ја прават возбудлива.

„Јас можам да разберам зашто многумина велат дека сум мрачен, но сметам дека во мојата работа постојат многу други нешта што не се мрачни. Знаете, луѓето сакаат да се враќаат во тие мои светови, а да беа тие само мрачни и негативни не верувам дека толку ќе им се допаднеа на луѓето. Сепак, тука постои уште нешто, јас не знам што, но некако е возбудливо.“

Изложбата на дела на Дејвид Линч во „Макс Ернст“ музејот во Брил ќе биде отворена до 21 март 2010 година.

Автор: Луиза Шефер / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска