1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мрачната страна на египетската револуција

Групите за човекови права алармираат: Само во минатата недела за време на протестите во Египет околу 90 жени биле жртви на сексуално насилство. Сега конечно многу жени го прекинуваат молкот.

„Колку повеќе се појавуваме во јавноста и колку повеќе се залагаме за правата на жената, толку напаѓачите повеќе напаѓаат“, ги објаснува Нихал Саад Зангул причините зошто не е на демонстрациите кои се одвиваат на плоштадот Тахрир. „Премногу е опасно“, вели Зангул. Оваа 27-годишна Египќанка повеќе не сака да се изложува на ризикот, кој многумина одамна го нарекоа „темна страна на египетската револуција“. За време на демонстрациите се нападнати 2012 жени. По нападот кој го преживеала, Нихал Саад Зангхул основала група чија цел е еден ден на дневен ред во Египет да се најдат и сексуалното насилство и нападите врз жените.

Масовни силувања во толпата

Организациите за човекови права се загрижени. Жените за време на протестите се' почесто стануваат жртви на насилство, силувања и тоа често од повеќе напаѓачи. Жените на демонстрациите знаат да ги заобиколат и по 100 мажи. Нападите и насилствата траат од неколку минути до неколку часови. Хјуман Рајтс Воч наведува дека само во изминатите седмици за време на протестите кои доведоа до соборување од власт на претседателот Мурси, се нападнати 91 жена. Меѓутоа, тоа се само регистрираните случаи.
Ханиа Мохееб, која е нападната пред неколку месеци на протестите на плоштадот Тахрир, вели дека ја опкружила група луѓе кои ја допирале по целото тело. „Го допираа секој сантиметар од моето тело. Вршеа повреди на секој сантиметар од моето тело. Бев толку трауматизирана што можев само да врескам“, вели Мохееб.


Она што на почетокот на протестите го доживеала Ханиа Мохееб, го доживеаја и повеќе стотини Египќанки, но и жени од странство. Случајот на репортерката на американската телевизија ЦБС (Си Би Ес) Лара Логан од почетокот на 2011 година се погрижи за првпат пред целиот свет да се започне да се зборувањна оваа тема.
Логан беше жртва на брутално масовно насилство и силување додека известуваше од плоштадот Тахрир.

Сторителите не се гонат кривично

Од декември 2011. година за време на големите демонстрации полицијата повеќе не е присутна на плоштадот Тахрир поради избегнување конфликт со демонстрантите. Демонстрантите значи немаат заштита од официјална страна. Мажите кои ги злоставуваат жените, наведува Хјуман Рајтс Воч, знаат дека ништо нема да им се случи.
Поради тоа група доброволци во еден таков „слободен“ простор се обидуваат да дадат барем минимална заштита на жените кои учествуваат на демонстрациите. Меѓутоа, и самите членови на тие групи често се напаѓани при обидот да ги запрат нападите или во најмала рака да ги згрижат жените на сигурно.
„Секако дека е тоа фрустрирачки и депримирачки“, вели Нихал Саад Заглул во интервјуто за ДВ. Многу активисти од нејзината група „Басма“ ги подржуваат членовите на двете најголеми патролни групи: Тахрир Бодигард и ОпАнтиСХ. „Добиваме информации дека тоа што го работиме е добро. Тоа е навистина фрустрирачки, но за нас тоа е мотивација за понатамошна работа. Од ден во ден се' повеќе го разбираме проблемот“, вели Нихал Саад Заглул.


Насилството над жените не е тема

Нихал Саад Заглул вели дека во проблемот спаѓа и тоа што мажите во египетското општество за време на владеењето на Хосни Мубарак долго биле под притисок. „Ако се мажите под притисок, тогаш тие тој притисок го испуштаат врз послабиот, во овој случај тоа се жените“, вели Заглул и додава: „Тоа е маѓепсан круг кој е длабоко вкоренет во египетското општество. Ништо не се смени ни за време на владеењето на Мурси. Генерал Адел Афифи во февруари минатата година по повод се' поголемото насилство над жените рече дека и тие самите со своето присуство на собирите како што се демонстрациите даваат 100 процентен придонес за насилството. Заглул вели дека не е реално вината за насилството над жените да им се префрла само на Мурси и Муслиманските браќа. „Тој направи многу грешки. Тој не се заложи за правата на жените. Меѓутоа, тоа не го направи ни претходниот режим“, вели таа.

Заглул не сакаше да ги коментира наводите дека Муслиманските браќа целно праќаат напаѓачи за да ги држат жените што подалеку од демонстрациите. „За тоа нема докази. Не можам никого да го обвинам, ако нема докази“, вели Заглул.

И мажите мора да помогнат

Нихал Заглул со групата Басма во моментов подготвува голема акција во која преку плакати во јавните превозни средства училиштата и градинките ќе говори за правата на жените. „се' повеќе жени говорат за искуствата од сексуално насилство. Нашата група постојано се зголемува. Се' повеќе луѓе го отфрлаат насилството над жените, а првпат за тоа известуваат и медиумите“, вели Заглул.

Таа големи надежи полага и во мажите, кои се членови на нејзиината група. Басма всушност во најголем дел се составена од мажи. „Мажите мораат да бидат поактивни и да кажат 'феминизмот и заштитата на правата на жените не е ексклузивно право и задача на жените'“, вели Заглул и додава:„Тие ни помагаат. И самите имаат мајки и сестр и сваќаат дека и жените истотака се човечки суштества“ . 

Нихал Саад Заглул верува дека на маргините на протестите е покренат важен процес. таа вели дека е нормално тој да трае подолго зашто за секоја промена е потребно време.