1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

МПЦ чиноначалствува со ставот на десницата

Македонската политичка десница и Црквата се сретнуваат на иста точка на својот конзервативизам, па таму каде што партијата застанува, работата ја презема МПЦ, оценуваат аналитичарите

default

Дали МПЦ е инструментализирана да го соопштува она што премиерот не може да му го каже на коалицискиот партнер или самоиницијативно го узурпира политичкиот простор за свои ставови? Оваа дилема се наметна по неделното осветување на црквата „Св. Пророк Илија" во општината „Аеродром", кое поглаварот г.г. Стефан го искористи за политички осврт на атмосферата што и претходеше на прославата на 100-годишнината од албанското знаме и државност. 

„Храмовите наши им се првите цели по кои нишанат и гаѓаат по нас. Време е за поголема будност, но и за сериозни испитувања кон што водат однесувањата кои не се ни наивни, ни случајни. Како да се разбере палењето на знаме на некоја институција или држава, претепување на невини граѓани во автобуси и на улица? Во овој момент би апелирал до сите кои се задолжени да го чуваат редот, да преземат мерки. И посетата на премиерот Груевски беше искористена за да го гаѓаат со јајца и шишиња. Дали и тоа е во чест на знамето на 100 годишнината од славењето", праша поглаварот Стефан.

Опозициските партии го игнорираа развеаното црковно „знаме" и се фокусираа кон отсуството на македонското знаме и на политичкиот врв.

„Гостите од Тирана и Приштина на големо славеа, а домаќините избегаа и ја оставија куќата празна", обвини генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров,

G G Stefan Oberhaupt der Mazedonischen Orthodox Kirche

критикувајќи го Груевски дека секогаш во вакви моменти заминува на „службен пат", во случајов во САД, а претседателот Иванов не се огласил.

Точка на спојување

Според аналитичарите, десницата никогаш не ја остава куќата празна, бидејќи таму каде што таа застанува, работата ја презема Црквата. Македонската политичка десница и Црквата се сретнуваат на иста точка на својот конзервативизам - традиционално семејство, наталитет, нација. Токму преку тие прашања МПЦ се обидува да се наметне како фактор и да влијае на системот на вредности  на граѓаните, вели социологот Петар Атанасов.

„Ваквото однесување не е случајно, туку станува систем. Дали е инструментализирано и договорено - не знам. До каде ќе оди МПЦ? Од просторот што политиката и го остава на Црквата, зависи колкав фактор ќе биде таа. Очигледно поглаварот сака да води политика, како што води патријархот во соседна Грција. Во нашето секуларно општество, одамна е премината таа црвена линија. МПЦ го прави тоа што го гледа во соседството", вели Атанасов. 

Даниел Димевски, супспецијалист за црковни прашања, вели дека би било в ред кога ваква изјава би дошла од политичар, но е многу несоодветно кога таа доаѓа од МПЦ и тоа од највисокиот по чин - поглаварот.

„Со вакви изјави и предупредувања се девалвира и Црквата и нејзината улога која во општествена смисла е поставена повисоко од каква било политика.

Од Црквата треба да произлезат позитивни и чувства на смирение. Јас веќе подолго време не можам во изјавите на нашите владици да препознаам благост, богољубие и кроткост, вредности кои ги проповеда Библијата. Загледани во политиката, очигледно заборавија за нив", вели Димевски.  

Нема желба за промени

Црквата како верска институција може да се промени, но прашање е дали има таква желба.

„Католичката црква одамна доживеа aggiornamento - осовременување и се откажа од некои сопствени заблуди. За жал, тие промени побрзо се случуваат кај католиците, а побавно кај православието, кое посебно на балканските простори е длабоко забраздено во христијанска ерес, филетизам, односно црковно-политички национализам - велат црковни извори кои сакаат да останат анонимни, бидејќи сметаат дека во оваа „фаза" нивниот став би бил анатемисан.

Дека нема расположение отворено да се зборува за црковното политичарење, докажува и портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј.

„Ако сум портпарол на Црквата, не значи дека треба да ги толкувам изјавите на поглаварот. Негово право е да изјави што сака". На забелешката дека не треба да толкува изјава, туку континуиран процес на инволвирање на МПЦ во политиката, Тимотеј одговори: Прашајте го тој што се инволвира во политика!   

Аналитичарот Рамадан Рамадани, сепак, и во ваквиот хаос гледа зрак надеж.

„Ако на еден сеалбански празник му беше даден партиски шмек, односно ако ДУИ го зема албанството, а МПЦ - македонството, да се надеваме дека државата ќе му остане на граѓанството", порачува тој.