1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

МПЦ- жртва на нарушените и разнишани односи во православието

МПЦ– ОА нема покана за средбата кај патријархот Вартоломеј пред Сеправославниот собор догодина. Мали се шансите тоа да се случи, велат соговорниците на ДВ. Причина е непризнатата афтокефалност од СПЦ и црквите сестри.

За деветти март патријархот Вартоломеј во Цариград закажа подготвителен состанок со поглаварите на сите канонски православни цркви. Македонската православна црква и останатите непризнати сестрнски цркви во светот соборот до година го очекуваат со нетрпение бидејќи реално е на него конечно да биде решено кој и на каков начин ќе го дава предлогот за афтокефалност на црквите, вклучително и на МПЦ? Владиката Тимотеј и портпарол на Синодот на МПЦ нема сознание дали во Синодот досега стигнала покана за средбата кај патријархот Вартоломеј, но вели дека има време и дека Синодот на МПЦ ОА ќе заседавал на 20 февруари, па дури тогаш работата ќе била појасна. „Не верувам и не очекувам да добиеме покана за состанокот во Цариград. Таму ќе бидат само легално признатите православни цркви, а МПЦ ОА не е меѓу нив “, вели господин Тимотеј. Од МПЦ потврдија дека немаат покана за подготвителниот состанок во Цариград, но доколку бидат поканети сигурно би отишле. Професорот од Православниот богословски факултет од Скопје отец Стефан Санџакоски, кажува: „Искрено,силно ќе ме зачуди ако не сме поканети барем во својство на набљудувач на состанокот. Барем најмалку толку.“

Vladica Timotej Porträt Mazedonische Ortodoxe Kirche

Владиката Тимотеј и портпарол на Синодот на МПЦ

Во Шамбези – Швајцарија во 2009. немаше консензус околу начинот за давање автономија и афтокефалност на црквите. По Цариградската средба и посебно идниот Собор би требало да се стави точка на проблемот, велат добрите познавачи на состојбите во православниот свет.

МПЦ-ОА нема да го смени календарот

Најавите дека во Цариград ќе се разговара и за промена на календарот во МПЦ се примаат резервирано. Портпаролот Тимотеј вели: „МПЦ не размислува за промена на календарот“. Сличен е ставот и на професорот Санџакоски: „МПЦ не треба по секоја цена да го менува животот што внесува мир, ред и поредок во животот на православните христијани во Македонија. Апсолутно сум календарот којшто е во примена да остане и натаму.“

Патот до признавањето на МПЦ–ОА се поизвесно води преку СПЦ

За отец Санџакоски свикувањето на Сеправославната конференција како подготовка за идниот Васеленски Собор на црквата се случува во еден историски период од животот на црквата кој како сенка го следат бројни противречности и конфликтни состојби и низа проблеми од теолошки, историски и секаков друг карактер. „За да се води дијалогот со другите, ние православните мораме најпрво да воспоставиме дијалог помеѓу нас. Досега тој дијалог е симболичен. Помеѓу одредени помесни православни цркви односите се безмалку сериозно нарушени, студени и рамнодушни“ смета Санџакоски. Еден од недефинираните патишта до призната самостојност на МПЦ од останатиот православен свет, според отец Санцакоски води преку СПЦ: „Предлогот вообичаено ќе го даде мајката – црква во овој случај СПЦ која официјално во православниот свет ужива третман на мајка – црква. Таа е таа што би предложила афтокефален статус , а сите останати помесни православни цркви тој предлог би требало да го прифатат.“ Владиката Тимотеј вели: „Одамна е јасно дека признавањето на МПЦ ОА треба да стигне преку СПЦ . За жал во изместениот ред СПЦ е мајка, а МПЦ – ќерка црква. Дури и СПЦ да се согласи потписот на афтокефалноста ќе треба да го стави Цариградската патријаршија.“

Барањето слобода за Вранишкоски е одолговлекување на спорот

Канонската разврска често се врзува со ослободувањето на затворениот Јован Вранишкоски, архиепископ на Православната охридска архиепископија која според сајтот на СПЦ има автономен статус ,а за МПЦ Јован и неговата црква се расколници. Барањето за ослободување на Вранишкоски од затвор е само маневра и купување време на СПЦ која неговото расколништво го дигна до небеса, сметаат во МПЦ .

Mazedonien Pfarrer Stefan Sandzakovski

Професорот од Православниот богословски факултет од Скопје отец Стефан Санџакоски

„Јас сум против казнени мерки од тој тип за кој било човек. Гревот на кој било човек кон црквата Божја не може да се решава со таков вид на санкции. Гревот сам посебе е доволна санкција за оној што го прави. Мојот личен став во случајот за кој говориме е небитен. Но како човек и теолог сметам дека со затвори не се решаваат тие работи. Тој човек треба да биде ослободен , особено зато што православниот народ во Македонија не го препознава како свој водач. А тоа што тој може да го направи како поткопување на здравото ткиво на МПЦ во Македонија е незнатно. И без него такви загуби се случуваат. Ослободувајќи го тој човек од затвор ќе се ослободиме од лошиот имиџ што си го наметнавме затворајќи го во затвор и покрај тоа што официјалните црковни структури на МПЦ одбиваат да признаат каква било врска со тоа. Оставаме неверојатно лоша претстава за себеси во очите на светот кој не осудува“, вели отец Санџакоски. Јавноста коментира: Условно Македонија и да го ослободи Вранишкоски и црквата да добие афтокефалност – што потоа? „ Што и да кажам ќе биде хипотеза. Со канонската разврска на нашето црковно прашање проблемот со Православната Охридска архиепископија сам од себе ќе отпадне . Ќе се случи една голема интеграција на православните во Македонија коишто ќе бидат сите до еден ставени под јурисдикција на архиепископот којшто и сега управува со нашата помесна црква,“ смета Санџакоски. Сепак извори од МПЦ за ДВ велат дека последната порака на врвот на СПЦ наводно е друга: „Прво побарајте автономија, а потоа ќе разговараме за афтокефалност на МПЦ – ОА“