1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

МПЦ е наследник на Охридската архиепископија

МПЦ нема намера да го смени името, категорично вели македонскиот владика Климент. Во интервју за Дојче Веле тој констатира дека православието подеднакво го носи товарот на случувањата во државите.

default

Црквата Свети Наум во Охрид

Владико Климент, зошто Македонската православна црква и покрај најавите не го додаде на своето име терминот Охридска архиепископија?

Владиката Климент: Одлуката, што е донесена во 2005-та година, а поврзана со името на Македонската православна црква, во којашто е инкорпорирано името Охридска архиепископија останува за следниот Црковно народен собор, во работниот дел што ќе се одржи следната година.

Зошто беше воопшто инициран таков амандман, која е целта на оваа додавка во името?

Владиката Климент: Вие ја дефинирате како додавка во името, меѓутоа нашето чувство е дека не станува збор за никаква придавка, за никаква додавка. Она што е содржано во преамбулата во постојниот Устав на МПЦ, она што се провлекува во целиот устав, всушност го содржи името на Охридската архиепископија и ние сакавме со таа одлука само правно да го допрецизираме името на Македонската православна црква. Меѓутоа во самата таа одлука на Синодот од 2005 година стои дека во службената комуникација, како во Македонија така и надвор, останува името Македонската православна црква. Токму заради тоа тврдиме дека не станува збор за промена на името, туку за инкорпорирање на целото духовно-културно наследство и на ексклузивитетот на Охридската архиепископија, чии наследници сме ние како Македонската православна црква.

Зошто тогаш се решивте да го оставите ова прашање за наредната година? Дали се исплашивте дека е погрешен моментот или пак се исплашивте од реакцијата на верниците?

Владиката Климент: Немаше страв, туку се доби чувство оти се создава поинаков контекст, поинаков призвук на целата работа. Дотолку повеќе што се наоѓаме во чувствителен период кога се интензивирани преговорите околу името на Македонија. Само заради поинаквиот контекст и призвук, мислам дека тоа го кажа Владиката Методиј како објаснување, оставивме тоа да биде дел од работата на следниот Собор.

Дали ако Црквата го смени името или додаде некоја додавка, без оглед како Вие тоа го дефинирате, може да смета на прифаќање од останатите православни цркви во светот?

Инкорпорирањето на Охридската архиепископија како составен дел на името на Македонската православна црква е интерна работа на нашата Црква, која што е жива, народна и благодатна и која што дејствува. Тоа е дел од нашата дејност на овие простори. Како ќе се рефлектира тоа во однос на другите помесни православни цркви, кои го знаат делувањето на МПЦ и добро знаат дека ние сме наследници на Охридската архиепископија – тоа е друга работа. Овој факт се потврди и на неодамнешниот Собор во Фанар, каде што не се дозволи да се супститутира постоењето на Македонската православна црква со некоја паралелна јурисдикција. Всушност тоа зависи од нивната перцепција, но сето ова што ние бевме одлучени да го постигнеме како работен дел, тоа беше всушност наше интерно и внатрешно прашање.

Македонската православна црква не беше поканета на самитот што се одржа во Истанбул . Како го толкувате тоа?

Владиката Климент: Ниту очекувавме дека ќе бидеме поканети, затоа што знаеме дека тој Собор, Сеправославен собор како што се нарече, всушност беше јубилеен по повод два милениуми од животот и дејноста на Свети Апостол Павле, дека имаше функција да го посведочи единството на православните помесни цркви и дека немаше намера да ги решава отворените црковни прашања. Во комуникето што произлезе како заклучок од средбата на помесните православни цркви се вели дека отворените црковни прашња ќе почнат да се решаваат од следната година.

Помниме многу добро дека на почетокот од 90-тите години делегација на Македонската православна црква беше поканета на маргините на средбата и оствари контакти и со Српскиот и со Вселенскиот Патријарх. Меѓутоа овој пат воопшто не изненади отсуството на делегација на Македонската православна црква. Затоа пак пријатно изненади, или мене лично прихјатно ме изненади, тоа што оние кои се претставуваат како автономна и призната црковна структура во православниот свет, тоа е т.н. ПОА на Вранишковски не беше присутна таму, со што се потврди фактот дека тие немаат таков статус, како што се претставуваат во Македонија.

Каква е сега позицијата на Македонската православна црква во православниот свет? Дали е поповолна од положбата на македонската држава?

Владиката Климент: Некако, тоа е мое лично мислење, состојбата на православието на овие простори го носи товарот и бремето на она што е државен облик на дејствување. Источните православни цркви се и национални цркви, не можеме да го апстрахираме тој факт. И секогаш кога се решаваат одредени отворени национални прашања, православието го носи на својот грб истиот тој корпус на прашања. Ние добро знаеме дека проблемот со името на МПЦ е во многу што политички проблем и затоа ја поддржавме политичката иницијатива во корпусот на прашања за идентитетот, што го разгледуваат политичарите, да се најде и она за Македонската православна црква. Затоа како МПЦ го поздравивме проширувањето на пакетот прашања околу идентитетот. Сметаме дека на тој начин се актуелизира црковното прашање. Веднаш потоа уследи средба меѓу посредникот во преговорите за името Метју Нимиц со Вселенскиот Патријарх на Света Гора, што сигурно сведочи за тоа дека ќе се актуелизира и прашањето за Македонската православна црква.

Може ли Македонската православна црква да смета на признавање на автокефалноста без да го промени името?

Владиката Климент: Ние имаме едногласен став дека Македонската православна црква нема да го менува името и тоа е неколку пати споменато во јавноста. Значи во корпусот прашања го имаме прашањето на статусот, на автокефалниот статус, за кој се бориме постојано и тоа наследство ни се предава од генерација на генерација за да го реализираме. И второ прашање е она за името на Црквата. Ние како Македонска православна црква цврсто стоиме на позицијата за неменување на името и исто така остануваме на ставот за сочувување на автокефалниот статус.

Може ли оваа генерација на верници или македонски граѓани да се надева дека ќе доживее затворање на македонското црковно прашање?

Владиката Климент: Ние тоа го посакуваме и навистина верувам дека како што Господ секој ден за нас промислува како да ја оствариме сопствената мисија, така и секоја генерација има свој предизвик и треба да ги решава отворените прашања. Посакуваме и благословуваме да бидеме дел од таа генерација што ќе се радува и ќе ги бере плодовите на самостојниот црковен и духовен живот, примени во семејството на помесните православни цркви. Меѓутоа имам чувство и тоа го слушнав во изјавата на еден еминентен руски архиереј дека и севкупното православие очекува да го почувствува шармот на македонското православие, кој што овде на овие простори е многу специфичен, а кој што го чува Македонската православна црква. Значи станува збор за интерактивност, колку што ние имаме потреба од другите православни цркви, мислам дека подеднакво толку и другите имаат потреба од нас, за да покажеме пред современиот човек и пред овој свет на поделби дека сме едно во Бога.

Кому во православнот свет му пречи името Македонска православна црква и зошто е тоа пречка за затворање на македонското црковно прашање?

Владиката Климент: Гледаме дека јужниот сосед на Македонија има проблеми со се’ што се нарекува македонско и тоа е јасно!

Меѓутоа Македонската православна црква има спор и со соседната Српска православна црква.

Владиката Климент: Многу добро знаете дека Српската православна црква во многу наврати нас не’ именува како Македонска православна црква. Во текот на разговорите не беше поставен проблемот со именувањето, туку во повеќе наврати слушавме во нивните изјави дека заради нивните браќа од Грција тие се солидаризираат со нив и затоа нас не можат да не’ наречат Македонска православна црква. Тоа важи за оние архиереи од СПЦ, кои му припаѓаат на грчкото крило. Меѓутоа имаме и друго крило меѓу архиериете на СПЦ, кои воопшто немаат проблем нас да не’ нарекуваат Македонска православна црква, ниту тоа го поставиле како проблем. Значи меѓу нив владее разнообразие и лична поставеност по ова прашање.