1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

МПЦ добива презиме

Во Скопје се одржува Црковно-народниот собор на МПЦ што треба да донесе повеќе новини. Се менува грбот на црквата и уставот.

default

Соборниот храм на МПЦ во Скопје

Цел на промените е да се овозможи најбројната верска заедница во Македонија да се усогласи со новиот закон за верски права и слободи. Во името на МПЦ ќе биде интегриран терминот Охридска Архиепископија. Тоа предизвика најголеми бранувања во јавноста и доби различни толкувања. Од тезата дека на овој начин се подготвува терен за промена на името на државата до објаснувањето дека МПЦ сака да го заштити терминот што отсекогаш и‘ припаѓал од разни злоупотреби. Црквата е категорична дека на овој начин името добива презиме, се интегрира древноста што исконски и припаѓа. Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан објаснува:

„Треба да се знае дека името на црквата е самата таа. Нејзината историја, нејзината сегашност и нејзината иднина. Во името на Македонската православна црква е и името Охридска Архиепископија и името Јустиниана Прима. Секој што ја познава историјата не може да го негира тоа“, кажа поглаварот Стефан за државната телевизија.

Двојна придобивка

Mazedonien Valentina Bozinovska

Владината комисија за односи со верските заедници не сака да ги поврзува трагањето по решение за спорот со името на државата и менувањето на името на МПЦ - Валентина Божиновска, претседател на Комисијата

Според проценките на црковните аналитичари придобивката за Македонската црква од овој потег може да биде двојна. Прво, МПЦ ќе го заштити терминот Охридска Архиепископија од можните злоупотреби, односно од аспирациите од страна на некои верски групи и соседни цркви и второ, можеби уште поважно, ќе си обезбеди подобра позиција во православието каде Македонската православна црква се бори за автокефалност. Додавката ќе овозможи комуникација со црквите кои не ја признаваат Македонската православна црква.

Додавката во името е можеби увертира во поинтензивна црковна дипломатија која треба да и‘ овозможи на МПЦ подобра позиција во период кога се интензивираат преговорите со црковен Белград, местото преку кое МПЦ треба да добие рамноправен статус со останатите православни цркви.

Се очекува едногласна одлука

Овој чекор на црквата само коинцидира со периодот во кој се интензивира процесот за потрага по решение на спорот за името на државата. Владината комисија за односи со верските заедници не сака да ги поврзува овие два настана.

„Не би го поистоветувала, бидејќи тоа е предлог поставен од Синодот на МПЦ уште во 2004, потоа било потврдено повеќепати дека еден ден мора да дојде до допрецизирање на името. Сега имаме одлична хармонија за таква работа“, изјави за Дојче Веле претседателката на Комисијата Валентина Божиновска.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM