1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Моќта на црквата на Кипар

Православната црква е најголем земјопоседник на Кипар. Таа ужива големи даночни привилегии, има удел во големи претпријатија и поседува четвртина од втората по големина банка - Хеленик Банк. Тоа не им се допаѓа на сите.

Богослужба во Никозија. Во црква денес одат пред се‘ постарите. Таа е место каде што се бара прибежиште од грижите на секојдневието, особено сега, во време на криза.

„Црквата е наша поткрепа, не само како хуманитарна организација, туку и како духовна институција“, вели Киракос Стилијану.

Анастасиос Куфтерос додава: „Овие тешки времиња нудат и шанса. Можеме да ги препознаеме нашите грешки и бог во тоа ќе ни помогне.“

Шанса препознал и Хризостом Втори. Кога кипарскиот архиепископ предводи литургија, на виделина излегува сета раскош на црквата. Тој е црковен поглавар свесен за моќта, важи за мудар тактичар и успешен бизнисмен. Сега, во време на криза, се прикажува како народен трибун и како да зборува од душата на многумина Кипрани. Гласно го критикува бриселското менаџирање со кризата и дури бара излегување од еврозоната. Сето тоа врз основа на неисцрпната економска моќ. Дури и очекуваните тешки загуби поради кризата не и‘ можат ништо на црквата.

Zypern Erbischof Chrysostomos und Präsident Nicos Anastasiades

Средба на Хризостом Втори и претседателот на Кипар, Никос Анастасијадис, во март 2013

„Мислам дека се‘ на се‘ е загубен капитал во вредност од повеќе од 100 милиони евра. Ќе преживееме. Црквата често продавала свои свеќи, давала свои потири во залог, но преживеала“, вели архиепископот Хризостом Втори.

Православната црква е најголем земјопоседник на Кипар. Таа ужива големи даночни привилегии, има удел во повеќе големи претпријатија и поседува една четвртина од сега втората по големина банка - Хеленик Банк. Не на сите им се допаѓа силната улога на црквата, која во кризни времиња може уште да се зголеми.

Неофитос Неофиту, новинар во весникот „Харавги“, вели: „Црквата се меша прекумерно. Таа има политичко влијание на Кипар, а тоа е можно, меѓу другото, и поради нејзината економска моќ. Таа поседува неверојатно многу земјиште, има удел во претпријатија и банки.“

Во резиденцијата на патријархот во Никозија насекаде се среќава ликот на Макариос Трети. И тој беше архиепископ, но истовремено, од 1959 година, и прв претседател на Република Кипар. Во стаклената гаража се чува државниот автомобил, како што овде го нарекуваат „БигМек“, кој бил подарок од Џон Кенеди. Црквата уште од османлиско време се разбира себеси како политичка организација.

Професорот Хуберт Фаустман од универзитетот во Никозија, оценува: „Тоа се‘ уште има влијание, пред се‘ во самопоимањето на црквата, која се‘ уште смета дека мора да заземе став за политички теми, а потоа наидува на отпор од страна на политиката. Влијанието се забележува и по тоа што политичките партии се мешаат во изборот на архиепископ, кого овде го избираат и луѓето, а црквата, пак, ним им се меша на избори, со тоа што сугерира за кого да се гласа, но луѓето не ја слушаат многу при својот избор.“

Луѓето во време на криза особено многу се упатени на помош од страна на црквата. Многумина ја гледаат како спасител во неволја, како Лазарос Михаел: „Многу сум благодарен што црквата ни‘ помага во оваа ситуација.“

Pope verkauft Obst auf Markt Zypern

Многумина во време на криза ја гледаат црквата како спасител

Мамос Папедру, од еден црковен центар за помош, наведува: „Пред една година моравме да им помагаме на околу 500 семејства, а сега се 2.000. Секој месец има по 100 семејства повеќе.“

Критичарите велат дека социјалниот ангажман не смее да доведе до тоа црквата, која профитира од сегашниот систем на Кипар, да добива уште повеќе на влијание во стопанството и политиката.

Бамбос Папагеоргиу, пратеник од Прогресивна Работничка Партија, вели: „Добро е кога црквата помага, но тоа не смее да биде решение за социјалниот систем. Тоа може најмногу да биде дополнување.“

Моќната зграда на Централната банка во Никозија е повисока од црквата што се наоѓа покрај нејзе. Улогата на црквата на Кипар одамна не е толку скромна, а таа во кризата може да стане и помоќна.