1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Моќта на „факелакито“

Грците се доведоа на раб од државен банкрот. Шокот ја потресе земјата, но политичката елита верува дека евро-партнерите, како Германците, ќе ја платат грчката неефикасност и корупција, пишува магазинот „Дер Шпигел“.

default

„Факелаки“ на грчки значи коверт со пари за поткуп

Дури откако њујоршките и лондонските банкари ја предизвикаа економската и финансиска криза, вистински падна в очи дека Грција, освен со својата флота и туризмот, нема многу други начини да заработи меѓународни пари. Приходите од данок доживеаја слом. Грците мораат да земат заем во износ од 12,7 проценти од бруто националниот производ, плус оние 270 милијарди евра долгови, што и без тоа ги имаат.

Со години конзервативците и социјалистите во Грција, менувајќи се на власт, се задолжуваа небаре нема утре. Со лошо стопанисување и непотизам ја доведоа земјата на раб од банкрот. А граѓаните реагираат на свој начин, со корупција и измами.

Меѓутоа, откако е воведено еврото, ова веќе не е само проблем на една мала држава со единаесет милиони жители, туку ја погодува цела Европа. Банкрот на една евро-држава би можел да и` нанесе енормни штети на европската валута. Ако пак Грција биде спасена со државна помош, се заканува домино-ефект: тој пат би можеле да го одберат и други земји-членки како Италија, Шпанија, Португалија.

„Мораме да се промениме, или ќе пропаднеме“

Giorgos Papandreou Parteivorsitzender der griechischen PASOK

Дали рестриктивниот буџет на Папандреу ќе биде доволно?

Пред да биде избран на 4 октомври, новиот премиер Јоргос Папандреу го преведе на грчки мотото на Барак Обама, „Промени - да, можеме“. Тоа звучеше отприлика вака: „Мораме да се промениме, или ќе пропаднеме.“ Ноќта спроти Бадник тој го протурка во парламентот новиот буџет со најостри мерки за штедње во поновата историја на земјата. Прашање е само - ќе биде ли тоа доволно?

Георгиос Кирцос, економски советник на една од конзервативните влади, вели дека Папандреу ’спроведува политика за народот, а не за финансиските пазари, како тие да ќе чекаат‘. Новиот премиер пред изборите дури им вети на државните службеници и реално покачување на платите во наредната година. Но, таканаречениот „сприд“ скокна на 2.7 процентни поени, откако рејтинг-агенциите ја спуштија Грција на подолен степен. ’Сприд‘ е единица за мерка во ѓаволскиот круг. Може да делува толку смртоносно, колку и морската вода што ја пие бродоломец: колку поголеми долгови има една држава, толку поголеми камати мора да плаќа за своите позајмици. Германија, како најсолиден должник во Европа, е репер: ’сприд‘ од 2.7 значи дека Папандреу мора да плаќа за 2.7 процентни поени повисоки камати, отколку германскиот министер за финансии Шојбле, значи приближно шест проценти. Со тоа, пак, на Грците ќе им се натрупуваат уште повеќе долгови.

Стопанството веќе одамна не е во состојба да го финансира државниот апарат, тој е целосно ’надвор од контрола‘, вели Кирцос, а Папандреу, исто како и неговиот конзервативен претходник, нема сила да го скрати. На крајот ќе мораат да плаќаат богатите држави.

Во Грција човек може да се договори

500-Euro-Schein, Symbolbild Bestechung, Schmiergeld, Korruption

Просечно грчко семејство дава и до 1700 евра годишно за поткуп

Конзервативните и социјалистите се’ повеќе ја пумпаа управата, за да и’ обезбедат работа на својата клиентела. ’Оваа држава е прескапа и неефикасно организирана. Си дозволуваме постојано нов државен апарат‘, вели Бабис Пападимитриу, човек со аскетски изглед на математичар. Овој економски аналитичар е кризен гуру во Грција. Во една марина, а само во Атина ги има неколку, се закотвени јахти, од кои ретко која чини помалку од милион евра. Но, во цела Грција помалку од пет илјади луѓе во даночните пријави наведуваат дека заработуваат повеќе од сто илјади евра бруто годишно, вели Пападимитриу. Оти, вели тој, Гркот можеби ја сака својата нација, но на државниот апарат гледа како на сила што би морало да се ограби. На европско ниво се затајуваат десет проценти од данокот на додадена вредност, во Грција околу триесет. Една третина од вкупната економија ги заобиколува даночните управи. Стотици милиони затаен данок, теориски, можат и да се повратат, така смета и новата влада. Само како? Во другите земји би дошле даночните службеници. И во Грција доаѓаат, но таму човек може да се договори. Службеникот за тоа добива „факелаки“, коверт со пари за поткуп. Има дури и тарифи. За тестирање на издувните гасови на едно возило во „факелакито“ треба да стојат триста евра.

’Транспаренси интернешенел‘ годинава ја стави Грција на 71 место, полошо и од Гана, на листата на 180 најкорумпирани земји во светот. Просечно грчко семејство годишно плаќа по 1700 евра за поткуп. Претседателот на ’Транспаренси‘, Бакурис, вели: ’Ќе ме израдува ако некого конечно стават зад решетки‘. Оти, ако грчкото општество не се промени, ’навистина пропаднавме‘“, се вели во текстот на магазинот „Дер Шпигел“.

Автор: Дер Шпигел / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска